Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
ВМРО-ДПМНЕ со 24,5 отсто, а СДСМ со 23,7 отсто. Само 0,8 проценти е разликата во рејтингот меѓу двете најголеми политички партии според штотуку објавената анкета на Телевизија „Телма“. Тоа значи дека се топи поддршката за владеечката партија а расте рејтингот на опозицијата.
Имено, запрашани за кого ќе го дадат гласот ако утре има парламентарни избори, 24,5 отсто од граѓаните одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 23,7 за СДСМ. 8,5 проценти ќе гласаат за ДУИ, 3,7 за Беса, 1,8 за Алијанса за Албанците, 0,9 за ДПА. Повеќе од 30 проценти не кажуваат за кого ќе гласаат.
Анкетата има и резултати за рејтингот на партиските лидери, за прашањето дали граѓаните сметаат дека почна разрешувањето на кризата и други прашања. Според резултатите, се топи и досега неприкосновената популарност на лидерот Никола Груевски кој вообичаено имаше повисок личен рејтинг од тој на партијата. Сега него го поддржуваат 25,8 отсто од испитаните, а лидерот на СДСМ Зоран Заев му диши во врат со 24,8 отсто. Анкетата е правена пред претседателот Ѓорѓе Иванов да го даде мандатот на СДСМ да формира влада, поточно од 10 до 15 мај, телефонски, на примерок од 1000 испитаници од страна на агенцијата М-Проспект