Боливуд влезе и кај нас – во МНТ се снима првиот боливудски филм во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На сцената на Македонскиот народен театар почна снимањето на првиот боливудски филм во Македонија „Vijay 61“, во кој се вклучени над 1.000 учесници од Македонија.

Зад филмот стојат многу популарни и наградувани имиња од Индија што работат на индиски филмови снимени на тамилски јазик. Акциониот трилер „Vijay 61“ почна да се снима во Индија во февруари, а се очекува да заврши при крајот на годината.

Филмот е во режија на 33-годишниот Арун Кумар – Атле, а во продукција на познатата продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс“, која постои веќе 40 години и зад себе има импресивна биографија од стотина филмови во речиси сите регионални филмски индустрии во Индија.

Снимањето на првиот боливудски филм во Македонија е резултат на работата на македонскиот продуцент Дејан Илиев и Натарајан Рамџи, познат како локациски гуру во Индија, кој има обезбедено локации за над илјада филмови. Илиев во партнерство со Рамџи ја основаа „Минд продукција“ која го обезбедува снимањето на овој проект во нашата земја, на кој работи голема македонска екипа.

Македонија е вклучена и во работата на сценографијата, костимографијата, шминката и има 40 филмски работници. Во снимањето учествуваат околу 900 актери, балерини, танчери и статисти, кои заедно со вработените во театарот ја достигнуваат бројката од над 1.000 учесници од Македонија.

Во МНТ се снима сцената од филмот која се одигрува на театарската сцена во Париз. Во Скопје е пристигната голема екипа и од Индија, која заедно со режисерот, главните актери, директорот на фотографија, сценографот ја сочинуваат 70-тина луѓе.

Во филмот игра една од најголемите ѕвезди во Индија, Џозеф Виџеи Чандрашекар, познат како Vijay, кој се смета и за највлијателен актер на тамилскиот филм во земјата. Сценариото е на К.В. Виџајендра Прасад, кој работи во Боливуд, а музиката е на уште едно големо индиско име, А.Р Рахман, исклучително влијателен композитор, кантавтор и музички продуцент. Ова е втора соработка меѓу младиот индиски режисер во подем Арун Кумар – Атле и големиот индиски актер Vijay.

Продуцентската куќа „Шри Тенандал Филмс“ најавува дека се очекува филмот да биде готов до крајот на годината. Македонскиот продуцент Дејан Илиев изрази задоволство за оваа значајна соработка, која, како што рече, е плод на нивните напори да се донесе Боливуд во Македонија.