Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Даниела Грин, преведувач во ФБИ со висок степен на безбедносно овластување го лажела Бирото и се омажила за висок и важен оперативец на Исламската држава, пренесува CNN.
Како што пренесува медиумот, „одметнатата“ агентка на ФБИ била пратена во Сирија во 2014 година со задача да го истражува еден оперативец на терористичката организација, но таа ја сменила страната, се омажила за него и нормално, го предупредила дека е под истрага.
„Сагата на Грин, која досега не е објавена, го открива срамот и загрозувањето на националната безбедност во ФБИ, агенцијата која ја презеде мисијата да ги открие и отстрани оние кои ја поддржуваат Исламската држава“, пренесува CNN.
Целиот случај го отвора прашањето дали Грин добила привилегиран третман во министерството за правда откако е првообвинета за релативно минорно дело, а потоа влегла и во преговори со судот околу помала казна во замена за соработка.
„Деталите за случајот и понатаму се под велот на тајноста поради ознаката за тајност на судските списи“, пренесува CNN.
Како што се наведува, Грин не се омажила за обичен терорист, туку за Денис Кусперт, германски рапер кој стана важен „регрутен офицер“ во Исламската држава.
„Агенцијата за борба против тероризмот на два континенти го следеше него поради неговото растечко влијание во онлајн врбувањето на насилни џихадисти. Во Германија бил познат како Десо Дог (Deso Dog), а во Сирија како Абу Тлаха ал-Алмани. Го фалеше Осама бин Ладен во една од своите песни, му се закануваше на Барак Обама во пропагандните клипови на ИД, а во едно од нив држеше и отсечена глава“, наведува CNN.
Американската мрежа пишува дека Грин „брзо ја сфатила својата грешка“ и се предала на властите, а нејзиниот адвокат клиентката ја опишал како „паметна, но очигледно наивна личност“.
„Таа искрено се кае за сè. Имала најдобри намери, но загризала преголем залак“, вели адвокатот Шон Мур.
Според CNN, ништо не укажувало на тоа дека таа би можела да биде проблематична. Родена е во Чехословачка, растела во Германија, а како млада се омажила за американски војник и се преселила во САД.
Таму ги завршила студиите по историја, а професорите ја гледале како една од најдобрите и највредни студентки на генерацијата. Почнала да работи со договор за ФБИ како преведувач од германски во 2011 година, откако ги поминала серијата безбедносни проценки.
Три години подоцна добила „истражна задача“ на случајот со германскиот терорист, кој во судската документација е означен како „Лицето А“. Во текот на истрагата нешто се случило, а во јуни таа го излагала бирото при пополнувањето на патниот налог.
Наместо во Минхен, во „приватна посета на родителите“, таа заминала за Истанбул за да се најде со Кусперт. И понатаму била мажена за својот сопруг во Америка. Со помош на трето лице отишла во Гацијантеп, а потоа ја преминала границата со Сирија, каде се омажила за „Лицето А“.
„Бев слаба и не знаев што да правам. Направив вистински хаос овој пат“, напиша во еден од мејловите кои ги пратила од Сирија еден месец подоцна.
Во август бил издаден налог за нејзино апсење, а таа успеа да побегне од Сирија, да се врати во САД, каде веднаш била уапсена. Како што се наведува, признала сè што направила и започнала соработка со американските власти. Набрзо била осудена на повеќегодишна казна затвор.
Во октомври, 2015 година, било јавено дека Кусперт е убиен во воздушен напад, а девет месеци подоцна таа информација била демантирана, а само ден подоцна Грин била ослободена од затвор после одлежани две години казна, пренесува CNN.