Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција во седиштето на партијата изјави дека откако вчера беше избран претседател на Собранието најмалку што очекува од претседателот Ѓорѓе Иванов да му го додели мандатот за формирање на влада. На прашањето доколку Иванов тоа не го направи, Заев кратко одговори- „Имаме претседател на Собранието ќе имаме и Влада“.
Околу повикот на Иванов за лидерска средба Заев рече дека тој е главен виновник за ситуацијата и не може претседателот да биде дел од решението.
„Лидерска средба во Клинички ли да правиме, каде лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, лежи со удрена глава“, рече Заев.
Тој порача и дека очекува оставка од директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој претходно од министерот за внатрешни работи Агим Нухиу беше посочен како одговорен поради тоа што полицијата не си ја завршила работата. Според Заев, вчера се случило обид со убиство со умисла и по план и дека верува оти со истрагата ќе се дојде до виновниците за насилството.
„Не е демократска вредност насилство врз новинари и пратеници, кое е поттикнато од Груевски, Иванов, Вељаноски, Чавков и други кои ги погодува трансферот на власта и се подготвени за свои интереси да ги жртвуваат граѓанските и државните интереси“, порача Заев.
Тој повика да не се паѓа на на провокации за раздор на Македонија и сите да останат мирни и присебни, а вработените во институциите ги охрабри да постапат согласно уставните и законски надлежности.