Крвав избор за претседател на Собранието: Над 100 повредени во упадот и дивеењето


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во 18:30 часот Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието. Додека во салата пратениците на ВМРО ДПМНЕ го бранеа столчето на претседавачот Трајко Вељаноски, пратениците од мнозинството кое го сочинуваат СДСМ, ДУИ и ДПА неколку реда погоре, меѓу столчињата му го честитаа изборот. Натпејувањето со химни и патриотски песни заврши.

Еден час подоцна, неколку стотини граѓани од иницијативата За Заедничка Македонија кои протестираа пред Собранието, упаднаа во службените простории. Тие лесно и речиси без никаков отпор од триесетината полицајци влегоа во законодавниот дом. Меѓу нив имаше имаскирани лица со фантомки на главите.

Пратениците од мнозинството беа затекнати во прес салата каде упаднаа граѓаните, но и маскираните. Пред камерите на новинарските екипи нападнати беа неколку пратеници, а најлошо минаа лидерот на СДСМ Зоран Заев, неговите сопартијци Максим Димитриев и Дамјан Манчевски како и Зијадин Села. Тие беа удирани со тупаници, клоци, столици, шишиња. Пратеничката Радмила Шеќеринска се спаси од рацете на еден постар граѓанин. За малку беше избегнат линч. Полиција и собраниско обезбедување немаше. Граѓаните кои протестираа пред Собранието влегуваа и излегуваа непречено, притоа демолирајќи и обидувајќи се да влезат во салата каде се забаррикадираа пратениците од СДСМ и ДУИ и неколку новинарски екипи. Полициските специјалци беа неми сведоци на овие немили настани.

Наредбата за акција, потиснување на граѓаните и обезбедување на безбедно извлекување започна два часа по физичкиот напад. Со шок бомби, туркање и убедување, специјалците ја испразнија зградата на Парламентот. Тогаш дојде и до мал контролиран судир со демонстрантите.

Околу 22:00 часот пратениците и новинарите беа извлечени преку задниот влез на Собранието.

Навремено беше формиран оперативен штаб кој функционира уште од почетокот на протестите, но полицијата денеска не ја заврши работата, рече Агим Нухиу, првиот човек на МВР.

Тој најави дека утре ќе побара одговорност од сите ангажирани во оперативниот штаб.

Епилогот на неколкучасовното дивеење во законодавниот дом, се 70 повредени граѓани, 22 полициски службеници и четворица пратеници. Приведени нема.

Насилството во Собранието веднаш и остро го осудија САД и ЕУ, а немилите сцени станаа прва вест во светските медиуми. Претседателот Ѓорге Иванов, во вонредно обраќање, околу 22:00 часот, побара смирување на ситуацијата и закажа лидерска средба. Меѓутоа, во неговиот говор немаше ни збор осуда за насилството.

Ве повикувам да останете присебни и да не подлегнувате на разни провокации, лажни вести и манипулации. Повикувам на смирување на тензиите и на ненасилство. Повикувам на разумно и одговорно однесување. Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени. Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив. Затоа, ги повикувам лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во мојот Кабинет на лидерска средба за да ја разгледаме новонастанатата состојба. На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба, рече Иванов.

Амбасадата на САД во Македонија, веднаш ги осуди насилствата и порача дека ќе соработува со новоизбранието спикер Џафери.

Најостро го осудуваме насилството во Собранието. Тоа не е во согласност со демократијата, и е неприфатлив начин за решавање на разликите. Клучно е сите страни да ги почитуваат демократските процеси и законот и да се воздржат од насилни акции кои можат да ја влошат ситуацијата. Мнозинството пратеници го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието, во рамките на регуларна и континуирана сесија на парламентот, на која сведоци беа јавноста и медиумите. Ние ќе работиме со него за поддршка на демократијата и за унапредување на интересите на Македонија“, стои во реакцијата на амбасадата.

Неколку амбасадори на земји членки на ЕУ, кои се наоѓаа во хотелот Мериот, на само стотина метри од Собранието, затекнати од насилниот и неочекуваниот развој на настаните, побараа полицијата веднаш да интервенира и да ја гарантира безбедноста на пратениците. Тоа беше два часа пред директорот на Бирото за јавна безбедност да ја даде командата за интервенција.

Истовремено се огласија и претставниците на ЕУ, Јоханес Хан и Фредерика Могерини, со сличен став и барања но и одобрување на изборот на Џафери.

Министерството за внатрешни работи и полицијата мора да ја осигураат безбедноста на Парламентот и неговите членови. Демократијата мора да истрае. Европската Унија е уверена дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот начин да се оди напред, и ги повикуваме сите политички актери да го почитуваат Уставот на државата и да се однесуваат во духот на демократските принципи, пристојноста и здравиот разум, стои во нивната заедничка изјава.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој од Виена се враќаше во Скопје, преку социјалните мрежи тој повика на смирување на страстите.

Насилството не е решение потребно е смирување на страстите. Повикувам на присебност. Народот да не подлегнува на провокациите на СДС и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште подлабока криза и да го исполнат нивното сценарио, потребно е смирување на страстите. ВМРО­ ДПМНЕ ќе се спротистави на овие антидржавни постапки на СДС преку правни и политички демократски средства, напиша Груевски на Фејсбук.

Пред седиштето на СДСМ беа неколку стотини членови и симпатизери кои го чекаа враќањето на нивните избраници. Од партијата побараа нивните поддржувачи да останат мирни и порачаа дека ќе се одговара за насилниот упад во Собранието и нападот врз нивните пратеници и лидер.

Крвавото насилство во Парламентот е резултат на насилието на кое што изминатиот период повикуваше Никола Груевски, како и провокациите, омразата, поделбите поттикнати од Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски, пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и нивните соработници и поддржувачи, се наведува во соопштението на партијата.