Закерберг најави иднина без паметни телефони и телевизори


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Одамна е познато дека Марк Закерберг многу надеж полага во проширената реалност, технологија која комбинира дигитални објекти со стварниот свет, како што е тоа случајот, на пример, со филтрите за камера на Снепчет.

На овогодинешната конференција F8 која се одржува оваа недела, Закерберг стави дополнителен акцент на амбициозниот десетгодишен план на неговата компанија кој прв пат го претстави минатата година. Планот е во наредните десет години да се создаде вештачка интелигенција, целосна покриеност со интернет на планетата Земја и виртуелна, проширена реалност како составен дел од бизнисот на неговата компанија.

Првин нова платформа, па потоа сè останато

Првиот чекор, секако, е проширена реалност, а Закерберг ја претстави платформата Camera Effects која, наједноставно речено, е алатка која на развојните тимови им овозможува изработка на апликација за проширена реалност на која можете да пристапите преку постоечката Фејсбук апликација. Со други зборови, тоа би овозможило Фејсбук да стане платформа за некој нов феномен налик на минатогодишната Pokemon Go манија.

И додека некои ќе речат дека ова е очекуван потег од Фејсбук, многумина експерти од таа област во тоа препознаваат нов обид на Закерберг да влезе во „војна“ со Гугл и Епл, и притоа да направи паралелен пазар за апликации и алатки кои не зависат од паметните телефони. New York Times пишуваше дека Закерберг е разочаран од фактот дека Фејсбук никогаш не создал сопствен оперативен систем за паметни телефони.

Иако станува збор за десетгодишен план, многумина тврдат дека ова е уште еден чекор кон иднината во која паметните телефони ќе бидат заменети со некој нов производ.

Први заминуваат телевизорите, а потоа сè останато

За време на презентацијата на визијата од Фејсбук поврзана со проширената реалност, прикажани беа навидум едноставни, но суштински напредни очила кои би имале можност да создадат виртуелен екран во нашите дневни соби и тој би бил поголем и од најголемиот постоечки телевизор во моментов достапен на пазарот.

„Не ни требаат телевизори. Можеме да купиме апликација за еден долар и да имаме телевизор преку целиот ѕид. Всушост, неверојатно е колку ствари и предмети кои ги поседуваме не мора да бидат тактилно опипливи“, најави Закерберг. Тоа е сосема разумна констатација, посебно за оние кои немаат проблем на лицето да носат компјутер и притоа да му овозможат на Фејсбук да види и слушне сè она кое го гледаат и слушаат тие во даден момент.

Накратко, ако мислите дека премногу киснете на Фејсбук, стрпете се уште малку – наскоро нема да можете да се симнете од него.

Но, ако малку подобро размислиме за она што го кажа Марк, телевизорите се само почеток, а неговата изјава лесно може да се примени и на паметните телефони, паметните часовници, преносните компјутери или било што кое функционира преку монитор.

Првин Снепчет, а потоа сите останати

Мајкрософт веќе лесно загази на овој терен со своите HoloLens очила, а главниот човек за истите, Алекс Кипман, изјави дека смртта на паметните телефони е природен заклучок со афирмација на проширената реалност и со неа поврзаната технологија.

Проблемот со тoа е фактот дека голем дел од светската економија зависи од производството на паметни телефони, телевизори, таблети и останата „гаџетерија“ која Закерберг со новата технологија сака да ја замени и испрати во историјата.

За тоа е свесен и лично тој, а новата платформа Camera Effects, ако привлече доволно голем број корисници, може сите нови апликации да ги претвори во првото нешто кое ќе го користите на своите нови очила.

На кратки патеки, ова делува како борба со Снепчет, што во суштина и е. Меѓутоа, на долги стази, ова е борба против комплетната конкуренција и лесен влез во целосно нов свет во кој компании како Гугл, Епл и Мајкрософт ќе се качат на истиот воз за што поскоро да дадат сопствен одговор на оваа „закана“.