Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ниту заканата на земјоделците дека ќе ги блокираат патиштата не го премисли Министерството за финансии да почне со исплатата на субвенциите.Трета недела институциите им ветуваат на земјоделцитет дека секој ден ќе почне исплатата, но парите никако да стигнат до тие кои им се најпотребни во екот на пролетната сеидба.
Од Платежната агенција тврдат дека налозите секојдневно се испраќаат во Министерството за финансии. Министерството за земјодлество вели дека парите се обезбедени, а Министерството за финансии прво рече дека трезорот работи според ликвидноста, а сега велат дека не се исполнети законските процедури за исплата на субвенциите.
Министерот за земјоделство, Михаил Цветков, вчера изјави дека парите се обезбедени, ама поради технички пречки Министерството за финансии сè уште не ги исплатило субвенции.
Не можам да кажам за министерот за финансии кои му се проблемите, кои му се техничките причини. Значи, нема други причини бидејќи парите се обезбедени со програмата, ги има во Буџетот, веројатно има некои технички причини. За ден, два три, тие сигурно ќе се надминат. Бидејќи ние сега знаете колку време имавме проблеми со платежната агенција каде директори се менуваа, додека да се воспостави еден ред. Се надевам дека за два-три дена сè ќе се расчисти и секако дека парите ќе ги добијат, рече Цветков за 24 Вести.
Од Министерството за финансии пак, денеска за Плусинфо изјавија дека во прашање се законски процедури кои се во тек.
Мора да се почитува законската процедура пред да се исплатат субвенциите. Овие процедури се во тек и тогаш кога ќе бидат исполнети условите за исплаќање на субвенциите тие и ќе бидат исплатени – велат од Министерството за финансии.
Земјоделците пак, велат дека институциите треба да бидат отворени и да кажат дека пари во државната каза за оваа намена нема.
Секој ден не лажат. Топката ја фрлаат од еден на друг, ама не сакаат да признаат дека нема пари за субвенции.Земјоделците се уморија од чекање, сега им останува да размислат дали ќе сеат нешто и по која цена ќе го продаваат за некој месец, вели претседателот на Сојузот на синдикати на земјоделци од Струмица, Ристо Велков.
Велков вели дека земјоделските здруженија моментно не размислуваат за нови протести бидејќи имаат поитни работи.
Ако состојбата потрае подолго, можеби и ќе се договориме за некаков протест, но нив и протест не ги потресува, вели Велков.
Исплатата на субвенциите доцни повеќе од половина година. Проблем беше различното читање на Изборниот закон, потоа смената на директорите во платежната агенција и сега Министерството за финансии ја кочи исплатата.