Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Светска Банка прогнозира најмал економски раст за Македонија во регионот од 2,8 отсто во најновиот полугодишен извештај за земјите од Западен Балкан. Во Извештајот пишува дека Косово ќе се развива економски најбрзо со раст на БДП од 3,9 проценти, по него следува Албанија со 3,5 отсто, а трета е Босна и Херцеговина со 3,2 отсто раст на економијата.
Економскиот раст, како што се наведува во извештајот, значително забавил како последица на намалените инвестиции, кои беа погодени од политичката криза. Тој, во голема мера повторно бил придвижуван од градежништвото, главно преку јавните инвестиции (автопати).
Фискалниот дефицит е намален, на сметка на намалените капитални инвестиции.
Уделот на капитални инвестиции се намали, додека тој на тековните трошења се зголеми во 2016 година, а 30 проценти од вкупните трошоци на владата се за пензии, изјави економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.
Светска банка забележува и влошување на квалитетот и на квантитетот на човечкиот капитал, што ги ограничува можностите за пораст и за квалитетни работни места.
Македонија има најниска стапка на запишани деца во основно и во средно образование во регионот, исклучувајќи ги Босна и Херцеговина и Косово, вели Шимбов.
Главни препораки за Македонија се фискална консолидација и структурни реформи, кои ќе бидат потребни за да се стабилизира јавниот долг.
Светска банка ѝ препорачува на Македонија поефикасно трошење на буџетот и реформи во управувањето со јавните финансии. Вработувањата од страна на државата во последните две години значително учествува во нето-креирањето на работните места.
Тие од една страна ја намалуваат невработеноста, но од друга, бидејќи за таквите вработувања има ослободувања, влијаат врз неодржливоста на пензискиот и на здравствениот систем и потребна е темелна анализа на одржливоста, нагласи Шимбов.
Според регионалниот директор за Западен Балкан, Елен Голдстин, приватниот сектор е воздржан од инвестиции, компаниите не преземаат чекори и ризици во средини со висок ризик и потребно е државата да интервенира.
Светска банка советува на среден рок да се стави акцент на инвестициите, а помалку на тековните трошоци и развојот да се потпира на приватниот сектор.