Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
И вчерашното трето продолжение од конститутивната седница заврши онака како што и почна – една дискусија и безброј реплики и контрареплики.
Вчерашнте обиди нешто да се смени завршија безуспешно. Координациите на пратениците кај претседавачот Трајко Вељаноски не дадоа резултат. Седницата продолжува денеска во 11 часот.
Вчера пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски предложи да се избере претседател на Собранието, кој ќе распише предвремени избори. Овој предлог не беше прифатен од СДСМ. Потоа продолжија репликите и контрарепликите. Досега само двајца пратеници на ВМРО ДПМНЕ дискутираа, а на секоја таква дискусија сите (51) пратеници на ВМРО ДПМНЕ се пријавуваат за реплика, а на таа реплика дискутантот има право на контрареплика.
И вчера собраниската расправа главно се водеше за тиранската платформa, за унитарноста на државата, за употребата на јазиците, а точката на дневен ред е избор на членовите на Комисијата за избори и именувања.
Вчера дискутираше и пратеникот Зијадин Села од коалицијата Алијанса за Албанците, од кого ВМРО ДПМНЕ побара извинување бидејќи тврдел дека пред 100 години не постоел македонски народ, а тој рече дека е изваден од контекст и дека никогаш не рекол дека македонскиот народ е геноциден. Села рече дека стои на располагање да одговори на какво било прашање во однос на декларацијата на албанските партии и предложи СЈО да биде уставна категорија, да има специјален суд, сите пратеници да се откажат од имунитетот за да може да одговараат.
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ делат лекции кој треба да биде избран за член на комисијата, а не дебатираат што 10 години поддржуваат власт која ги урна институциите во Македонија.
Вие воспоставувате правила и критикувате кој треба да биде член на Комисијата за избори и за именувања што е спротивно на законите и на уставните норми. Секој што е пратеник може да биде член и немате право да го ограничувате членството никому. Зошто некој што поддржувал злосторничко здружување и криминал може сe, а некој што го искористил демократското право на протест не може да членува, праша Спасовски.
Пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Ана Лашкоска, рече дека за комисијата се предложени луѓе кои со месеци ги уништувале државните институции, спомениците, Собранието и луѓе кои ќе го сотрат семето на ВМРО ДПМНЕ, кое е во генот на секој Македонец.
За Илија Димовски со платформата не се решаваат, туку само се продлабочуваат проблемите и дека таа е потпишана од премиер на туѓа држава кој имал лични релации со Џорџ Сорос.
Судирот кој ВМРО-ДПМНЕ го има со Еди Рама е поради неговата блиска релација со Џорџ Сорос и тој е единствениот премиер од Балканот кој бил на свадбата на неговиот син. Јас ви предлагам, да потпишеме декларација истите права што ги имаат Албанците во Македонија да ги имаат и Македонците во Албанија, рече Димовски.
Седницата продолжува денеска во 11 часот.