Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, во изјава за МИА демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, ниту дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во телефонски разговор од неговата родна Словенија, Вајгл негираше дека воопшто споменувал некого индивидуално во однос на македонската политичка криза, камоли дека, според пишувањето на некои медиуми, тој пренесувал што Груевски нешто и некогаш му кажал на него.
Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Јас не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас не зборував за тоа. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за Нова ТВ (интернет сајт), а се разбира тоа е дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за натаму е и преку тоа што го прави Специјалното обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството, дека постои некаква индивидуална одговорност на било кого, тогаш тој се разбира дека ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци, дециден е Вајгл во телефонска изјава за МИА.
На прашањето дали тој лично во некоја изјава или интервју го споменал поранешниот премиер Груевски и нешто што наводно претседателот на ВМРО ДПМНЕ му го кажал лично, словенечниот европратеник децидно негира.
Не, не сум зборувал такво нешто. Никаде не сум кажал такво нешто за некого лично, демантира Иво Вајгл.
Известувачот за Македонија во Европарламентот, за крај посочи дека се што тој лично изјавил е кажано директно во микрофон или на телевизија и дека истото е јавно и достапно. Но, според Вајгл, тоа нема директна врска со тоа што некои медиуми го пренеле како негова наводна изјава.
Се што јас сум кажал и што директно сум го кажал и на телевизија, тоа е се јасно и достапно. Јас стојам на мислењето дека останувам во однос на внатрешните разлики во Македонија на неутрално ниво, завршува Иво Вајгл.