Го „слизнаа“ неговите: Удар за Трамп – републиканците ја урнаа неговата здравствена реформа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Американскиот претседател Доналд Трамп доживеа тежок политички пораз бидејќи мораше да бара од републиканците да го повлечат нацрт-законот за реформа на здравствениот систем поради недоволен број гласови.

Претседателот на Претставничкиот дом Пол Рајан „разговараше со претседател, а претседателот побара да го повлече нацрт законот“, изјавил извор од Конгресот.

Со ова републиканските лидери сакале да избегнат понижувачки пораз за претседателот Трамп, оценуваат американските медиуми.

Републиканските лидери планираа денес да гласаат за новиот закон, а им беа потребни 216 гласа од 430 пратеници од долниот дом во кој има 237 републиканци и 193 демократи.

Одлуката за повлекувањето на предлог законот била донесена кога било утврдено дека бројот на противници меѓу републиканците надминува 30, а дека сите демократи се против.

Новиот закон за здравствено осигурување, кој го поддржува Трамп, требаше да внесе значителни промени во сегашниот закон, таканаречениот Обамакер (Закон за достапна медицинска нега), кој за првпат им овозможи здравствено осигурување на голем број сиромашни Американци.

Трамп денес им порача на републиканците да го поддржат неговиот план за здравствена реформа и да го отфрлат Обамакер, или ќе ја изгубат последната шанса да го реформираат. Трамп го објави ултиматумот откако Претставничкиот дом вчера го одложи гласањето за реформите.

Поништувањето на Обамакер, здравствената политика на поранешниот претседател која е и еден од главните заштитни знаци на неговиот мандат, е едно од основните предизборни ветувања на Трамп.

Речиси 50 отсто од возрасните Американци тврдат дека републиканската здравствена реформа „не претставува подобрување“ во однос на Обамакер, покажа анкетата на Ројтерс/Ипсос објавена денес.

Во истражувањето на јавното мислење спроведено од 13 до 23 март, 49 отсто од возрасните Американци кажале дека новиот закон не е подобар, додека 33 отсто сметаат дека ќе биде, додека 18 отсто не знаат.

Одговорите се главно поделени по партиска линија. Околу 19 отсто од демократите и 53 отсто од републиканците сметаат дека новиот закон би бил подобар од Обамакер, додека 73 отсто од демократите и 22 отсто од републиканците веруваат дека би бил полош.