Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Раџиб Томас – или Папа Реџи, како што е сега познат, посвоил 22 деца чии родители ги напуштиле откако дознале дека се ХИВ позитивни, и ги донел во својот дом во Мумбај.
Иако веќе има две биолошки деца во тинејџерските години, се грижи за здравјето и образованието на сега неговите 24 деца, а неговата сопруга Мини Реџи се грижи сите да добијат по три оброка на ден.
За Фејсбук страницата Humans of Bombay рекол дека сѐ започнало со случајна средба пред болница.
„Видов девојче кое спиеше надвор – толку слаба што ѝ се гледаа коските. Дознав дека е ХИВ позитивна и ги изгубила и двајцата родители. Ја прашав што би сакала да јаде, и ми побара нудли. Но, не можев никаде да најдам, па реков дека ќе се вратам наредниот ден.
Почина истата ноќ, и тој инцидент продолжи да ме прогонува, па влегов во болницата и им кажав да ме контактираат доколку има вакви деца во иднина“.
Оттогаш натаму, нивното семејство постојано расте.
„На почетокот ни беше тешко да излеземе на крај. Можевме да си дозволиме само еден душек на кој спиеја четири деца, а јас и жена ми немавме никаков кревет. Со тек на времето, луѓе почнаа да ни подаруваат кревети, жито и пари. Моето семејство од четири порасна на 24 члена, како што повеќе и повеќе деца со ХИВ ги праќаа кај мене“.
Томас сака и да ја оттргне стигмата која ги опкружува луѓето со ХИВ.
„Да се биде ХИВ позитивен не значи дека треба да ти се скрати животот. Овие деца треба да живеат долго како и секоја нормална личност, и јас сум тука за тоа – да ги спасам и да им дадам долг живот. А, со љубов и грижа, сѐ е можно“.