Градок – антички восторг над древниот ромон на Еригон


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кога ќе стигнете до познатиот Расимбегов мост, во едно од трите срца на мариовскиот тек на Еригон (Црна Река), на нецел час или можеби час пешачење од тоа место (зависи од брзината на чекорот), тихува и чека да се разгласи за неговата опстојба и некогашна настројба античкиот локалитет „Градок“, кој стишено го живее своето вековно постоење.

Кинис кон Градок од кај Расимбегов мост, долж течението на Еригон (Црна Река)

Ридот Градок се издига на 120 м над сливното место каде што Дуњска (Лисичка) Река одново и одново диво се бакнува со бурниот Еригон. Врвот на Градок е зарамнет и на средина вдлабен. Доминира над широката околина, над патот кој води за Витолиште и речниот премин.

„Светецот“ над Црна
Градок со сиот свој восторг се појавува пред вас

Кога ќе застанете на зараментиот врв од Градок, пред вас се шири фантастична панорамска глетка на течението на Црна Река кај месноста Расимбегов мост и во продолжение, упатувајќи се кон подивите своите текови кај Врпско. Спокој, смирение, тишина и раскошни панорами се шират околу вас, амбиент кој ќе ве задржи горе што подолго, за да впиете што повеќе од таа магична мешавина на природа, историја, култура и дивост.

Поглед кон текот на Еригон од кај Расимбегов мост накај Врпско
Како што би рекол Ферид Мухиќ – згаснатиот вулкан Мариово
Дел од опстојаните ѕидини на врвот од Градок

Во доцната антика околу врвот на ридот било подигнато обѕидие од големи камени блокови, делумно врзани со малтер. Просторот има димензии 230 х 230 м (4,5 ха). Низа кули и контрафори го зајакнувале ѕидот. Внатре се гледаат основи од бројни куќи компонирани во улици. Највисокиот (северен) дел бил одвоен со внатрешен ѕид во акропола, во која покрај станбени објекти стоеле и две базилики од 6 век.

Љубопитноста не тера во потрага по нови сознанија, поинакви авантури, поголеми возбуди, посилни дразби – меѓу ѕидините од една од базиликите
Камените тивки сведоци кои живо ја чуваат и копнеат да ја раскажат пред светот својата историска приказна

Прашањето „Зошто ова културно-историско наследство чмае вака заборавено и отфрлено од мапата и афирмираниот попис на богатства од таков тип“ само ќе ви се наметне во средето на вашата рационална свест. А истовремено, вашата интимна и субјективна свест тивко ќе ви шепоти дека популарноста ќе го нараси тоа смирение и тивкост. Сепак, не е добро што вакви значајни и во извесна мера полузачувани локалитети не се афирмираат за збогатена промоција на историскиот пис и траги оставени на овие простори.

Фантастични панорамски глетки на сите страни

И двете цркви останале добро запазени до наше време, со тоа единствени во Македонија. Поголемата црква имала ѕидани колонади со арки и голем триделен прозорец во апсидата. Наоди: бројни ситни предмети ковани од железо, железна згура, монети од 6. век. Ова гратче претставувало регионално средиште на Мориово (Мариово) на крајот од антиката, а израснало благодарение на експлоатацијата на железната руда во околината.

Една од базиликите
Дивиот трн чалија – последниот чувар на овој исконски цивилизациски пис
Течението на Дуњска (Лисичка“ Река која ита кон дивиот повторувачки бакнеж со Црна Река

Просторот на акрополата бил повторно укрепен во средниот век: новото обѕидие (од камен без малтер) било поставено покрај остатоците од доцноантичкиот ѕид, чија што линија ја следи. Една голема издадена кула на западниот крај била ѕидана со малтер, а другите две кули ја фланкирале главната порта на североисточниот крај. Двете базилики од 6. век без преправки продолжиле да служат и во ова време. Долж јужното обѕидие се протега низа од станбени простории.

Прозорец кон минатоста
До кога само овие гранки ќе ја чуваат мистинчната приказна за Градок, за едно време, за една цивилизација?

 

Автор на текстот и фотографии: Александар Војнески

Техничките податоци за историско-археолошките рамки за Градок се преземени од текстот на Иван Миклучиќ посветен на овој локалитет