Денес средба на политичките лидери со Хан


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Еврокомесарот Јоханес Хан синоќа слета со летот од Загреб на скопскиот аеродором. Денеска тој ќе учествува на состанок со министрите за енергтика од Западен Балкан.

На состанок на министрите за енергетика од Западен Балкан, денеска во Скопје  ќе присуствуваат и италијанскиот државен потсекретар за надворешни работи Винченцо Амендола и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.

Гласноговорничката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич рече дека на министерскиот состанок ќе се разговара за унапредување на пазарот за електрична енергија на Балканот.

Комесарот Јоханес Хан ќе биде во Скопје во четврток на 9 февруари на состанокот на министрите за надворешни работи и енергетика од шесте земји на Западниот Балкан. Учесниците ќе го забележат постигнатиот напредок во енергетскиот сектор и ќе разговараат за мерки за унапредување на регионалниот пазар на електрична енергија. Исто така, ќе се разговара за подготовка на Самитот за Западен Балкан, што во јули ќе се одржи во Трст, Италија, изјави Коцијанчич.

Како што најави Коцијанчич, комесарот Хан ќе има и билатерални разговори, меѓу кои и со претставници на сите политички партии на земјата.

Најпрво ќе се сретне со техничкиот претседател на Владата, Емил Димитриев, а во текот на денот ќе оствари средби со Никола Попоско и Владимир Пешевски. Неофицијално, ќе се сретне и со претседател Ѓорге Иванов.

Тој треба да има одвоени средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

На средбите се очекува да стане збор за актуелната политичка ситуација во земјата и за разговорите за формирање влада по предвремените парламентарни избори од 11 декември.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар во вторникот за време на посетата во Прилеп изјави дека Хан ќе има билатерални средби со политичките лидери, како и со други чинители, на кои ќе се информира од прва рака за тоа до каде се работите и на кој начин ЕУ може понатаму да ја поддржи земјата .

Ова е прва посета на еврокосеарот Хан на Македонија по изборите на 11 декември. Последен пат беше во Скопје во октомври кога се разговараше за спроведувањето на изборите. Во обраќање пред Советот на Европа кон крајот на јануари, Хан изјави дека очекува во земјата брзо да се формира влада поддржана од  широко парламентарно мнозинство, која ќе ги спроведе итните реформи и ќе  продолжи да отвора европерспективи за земјата, и започнување на преговорите за членство. Покрај итните реформски приоритети, од новата влада се очекува да го реши и прашањето околу разликите за името со Грција.

Се очекува еврокомесарот да се вклучи во завршницата на формирањето на новата влада. Од Европската Комисија пред една недела официјално соопштија дека формирањето на што е можно поширока политичка влада односно широка коалиција би било практично за земјава да може ефикасно да се справи со многу предизвици кои и следат.