Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На потег е претседателот Ѓорге Иванов, од кого се очекува мандатот за состав на влада да му го довери на СДСМ. Груевски, бара нови избори.
СДСМ чека да го добие мандатот за состав на нова влада, ВМРО ДПМНЕ бара нови избори, претседателот Иванов молчи, а јавноста се прашува дали одлуката на ДУИ му помага на Груевски во намерата за нови избориили партијата искрено е решена да партиципира во темелни промени. Ова е резултатот од вчерашната едногласна одлука на ДУИ да не донесе конечна одлука, бидејќи немало доволно аргументи за ниту една од петте опции: влада со ВМРО ДПМНЕ, влада со СДСМ, проширена влада, заминување на ДУИ во опозиција или нови избори.
Сите пет опции остануваат отворени, изјави Османи.
Со вчерашната одлука, ДУИ практично остана на претходно изнесениот став дека е подобро да донесе добра одлука, отколку навремена одлука, и не му одговори на мандатарот Никола Груевски ни со да ни со не пред истекот на законскиот рок за формирање влада.
По ваквиот епилог, ноќеска по полноќ се изгаснаа светлата во Собранието, кое беше подготвено за друг тек на настаните. Згаснаа и светлата во новото седиште на ВМРО ДПМНЕ. Овојпат без вообичаената помпа и без изјави си заминаа партиските функционери, а до јавноста беше дистрибуирано само кусо соопштение во кое партијата јасно навестува дека нема да прифати друг да составува влада, односно дека треба да има нови избори.
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Не се пет опции
И покрај тоа што ДУИ тврди дека сите пет опции остануваат отворени, според аналитичарот Рамадан Рамадани, партијата сепак ја елиминирала едната опција и јасно е дека сигурно нема влада со ДПМНЕ.
По речиси пет недели, со вакво темпо на елимирање на една од петте опции, ДУИ се покажа како бавна за решение на кризата. Среќа е за Македонија што сега ќе бидат во игра другите можни мнозинства во Собранието, и што другите партии на Албанците кои уште првиот ден рекоа дека нема преговори со мандатар обвинет од СЈО (Беса и Алијанса за Албанците), заедно имаат 8 мандата. Нови избори не се вистинска опција ни за ДУИ, ни за другите партии, барем не заедно или пред локалните избори. ВМРО ДПМНЕ освен мандатот изгуби многу кредибилитет и кај коалициските партнери, кои вчера ги довлечка на состанок за составување на нова влада. Од денес во Македонија настапува нова ера во која се знае дека кој и да биде премиер, и на кого и да му припадне МВР, најскапиот ‘мерцедес’ во регионот веќе никогаш нема да го вози Никола Груевски, констатира Рамадани.
ДУИ најави дека разговорите во партијата денеска ќе продолжат, но засега нема одговор дали тие ќе се интензивираат со СДСМ и со други партнери од албанскиот блок со кои имаат заедничка декларација, или со евентуална натамошна неможност за одлука, најдиректно ќе ја помогне опцијата за нови избори.
Според извори од ВМРО ДПМНЕ, во партиското седиште синоќа расположението брзо се менувало. Наводно, се до 23 часот Груевски ги уверувал дека имаат влада, а потоа дека ќе има нови избори.
Маглата се очекува да се расчисти во текот на денешниот ден, а на потег е претседателот Ѓорге Иванов.