Брисел, сепак, преферира широка коалиција?


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Иако ги дообјаснуваше изјавите на комесарот Јоханес Хан за формирањето широка коалиција, Европската Комисија, сепак, посакува заедничка влада на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Традиционалното дообјаснување на изјавите на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, од неговите портпароли во Брисел, уште еднаш предизвикаа нејаснотии и збунетост во македонската јавност. Дали Хан мислел на формирање широка владина коалиција или на парламентарно мнозинство кое ќе има двотретинско (уставно) мнозинство? Портпаролката Маја Коцијанчич за македонските медиуми објасни дека не се работи ни за едното, ниту за другото, туку за потреба од широк политички консензус во однос на спроведувањето на итните реформски приоритети, договорот од Пржино и решавање на билатералните прашања.

Во заедничката изјава на Хан со европратениците Вајгл, Кукан и Флекенштајн од средата се избегнува формулацијата за „широка коалиција“ и се говори за формирање на стабилна, цврста и одговорна влада. Таквата коалиција треба да се изгради околу силен, инклузивен и реформски консензус и меѓуетничка соработка, се наведува во изјавата.

Причината за новата формулација е во сомнежот на дел од европратениците, потписници на изјавата, во целисходноста на евентуалната широка владина коалиција. Извор на Дојче Веле во Брисел, кој инсистираше на анонимност, тврди дека во Европската Комисија и натаму преовладува ставот дека широката коалиција е најдоброто решение за излез од актуелната пат позиција.

Меѓу редови, тоа и натаму се чита и во дообјаснетите изјави на портпаролката, но и во заедничкото соопштение на Хан со европратениците. Големо прашање е дали кое било владино мнозинство, со кое една од двете големи партии ќе остане во опозиција, може да гарантира стабилна и цврста извршна власт со широк политички консензус, а уште помалку да постигне консензус за уставни промени, т.е. двотретинско мнозинство?

Замор од Македонија

Во моментов, ни во Комисијата, ниту во Европскиот парламент немаат јасна слика, и не сакаат да прогнозираат дали Груевски и Ахмети ќе успеат да се договорат за формирање влада. Без разлика кој ќе ја формира владата и кој ќе застане на нејзино чело, вели изворот на ДВ, Брисел ќе соработува со неа, доколку таа се зафати со реализација на реформските приоритети од Извештајот на Прибе, го почитува Договорот од Пржино и не ја попречува работата на СЈО. Во спротивно, извесно ќе биде одземањето на препораката за почеток на преговорите со ЕУ и други санкции.

Во изјавите на политичарите од Брисел полека се исчитува замор од политичката криза во Македонија. Слично е и со ставовите на германските политичари кои од завршувањето на изборите на 11 декември, одбегнуваат воопшто да се занимаваат со кризата во Македонија. Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ во четвртокот во изјава за ДВ говореше за надежта дека барем ќе профункционира парламентот, додавајќи дека актуелната ситуација веќе не е одржлива.

Ние не сме во ситуација, и тоа не го сакаме, да спроведуваме диктат на Балканот, рече Јуратовиќ.

Од диктатот полека се откажува и Брисел, чија кондиција, слично како и во Берлин, во најголем дел се троши на внатрешните проблеми во Унијата, Брегзит и новата администрација во САД. Слично како Јуратовиќ, и соговорникот во Брисел вели дека, во крајна линија, најважно е да се формира влада и парламентот да почне со работа.