Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Министерствата за труд и социјална политика, за здравство, образование и наука и за правда, преку меѓусебна соработка и вклучување на останатите засегнати страни, да заземат координиран пристап кон потребите на децата и младите во ризик во Македонија кој ќе резултира со сеопфатни услуги и отчетност за спроведувањето на зацртаните политики.
Ова го истакнаа од Здружението ХОПС Опции за здрав живот, Скопје кои денеска ги презентираа наодите од истражувањето Децата и младите во ризик во Република Македонија, рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?.
Министерството за здравство, посочуваат од Здружението, во најкраток можен рок треба да го финализира и усвои протоколот за лекување на деца кои употребуваат дроги, да се формира мултисекторска работна група која ќе изработи програма за лекување, ресоцијализација и грижа за децата кои употребуваат дроги и да се отворат интегрирани програми за лекување, ресоцијализација и грижа на децата кои употребуваат дроги.
Според Здружението, не постои унифициран меѓуресорски пристап за препознавање, документирање и следење на децата и младите во ризик. Од Здружението посочуваат дека иако дел од надлежните институции имаат воспоставено електронски бази на податоци, видливо е неконзистентно бележење на услугите, што пак ја оневозможува проценката на потребите на ранливите категории на деца и млади.
За поздравување е, истакнуваат од Здружението, тоа што голем број од институциите имаат пишани документи, стратегии и програми, каде што се дефинирани или опфатени децата и младите во ризик, но отсуството на податоци за реализација на сите акции предвидени во тие документи го попречува следењето и оценувањето за спроведувањето на зацртаните политики.
Според нив, добра пракса за бележење на податоците за децата и младите во ризик се забележува единствено во документацијата и работата на Државниот совет за превенција од детско престапништво и на Народниот правобранител.
Иако Министерството за здравство изработи протокол за лекување на малолетни корисници на дроги, тој веќе две години е во подготвителна верзија и сè уште не е усвоен. Во меѓувреме, ХОПС мораше да формира теренски тим за поддршка и работа со овие деца. Тимот до сега има исконтактирано 85 малолетници кои употребуваат дроги, од кои најмладото кое користи дрога со инјектирање има само 8 години. Само во 2016 година, теренскиот тим има исконтактирано 33 деца, од кои 7 се нови корисници, наведуваат од Здружението.
Оттаму посочуваат дека и покрај заложбите од ХОПС, во 2016 година ниту еден малолетник не почнал со лекување на зависноста.
Истражувањето е меѓу првите активности на регионалната Мрежа за социјално зајакнување на млади во ризик која е составена од организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Македонија со поддршка на ЕУ.