Денес се чествува православниот празник Богојавление – Водици


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Православните верници во четврток го слават Богојавление – Водици, празник поврзан, според верувањата, со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан.

Водици или Богојавление — денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 7 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар). Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.

Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.

Еден ден пред празникот на 18-ти е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа компанија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот, (треба да има толку гранчиња колку што има куќи компанијата) ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии.