Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Билборд наречен Градско дрво ќе биде поставен во Скопје и Тетово и ќе го прочистува загадениот воздух, притоа заменувајќи 275 вистински дрвја. Зелениот билборд наречен Градско дрво е вертикална структура направена од мов, висок е 4 метри, а широк 3 метри и со длабочина од 60 сантиметри, а претставува комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои јадат ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон, а имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно.
Овие зелени билборди се веќе поставени во поголемите градови низ светот како во Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонг Конг, а наскоро ќе биде поставен и во Македонија во Скопје и Тетово бидејќи загадувањето на воздухот е значително зголемено во последните неколку години. Проектот „Градско дрво“ ќе помогне во борба против загадувањето на воздухот во Скопје и во Тетово, со можност да се реплицира и во другите градови низ Македонија.
Инсталацијата во Скопје чини 25.000 евра и ќе биде постаена во центарот на градот. „Градско дрво“ има пропустлива структура која има способност да ја редуцира брзината на ветерот. Мововите и васкуларните растенија ја привлекуваат и фаќаат ситната прашина, а потоа ја претвораат во фитомаса која ја користат како храна, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на Еко-свест.
Проектот Градско дрво го спроведува Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко – свест од Скопје во соработка со Германска Амбасада и Град Скопје. Со проектот се планира инсталација на две Градски дрва структури во Скопје и Тетово, кои се обезбедени со помош на донации на македонски и странски компании, како Пакомак, Везешари, ЕДС, ПроКредит Банка, ДХЛ, Кнауф и Ди Мед.
Од Еко-Свест информираа дека овој растителен филтер го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина.
Главните компоненти на загадувањето на воздухот се азотните оксиди, озонот и ситната прашина (PM). Само 10 микрограми ситна прашина на метар кубен во воздухот го скратува животниот век за половина година, соопштуваат од Еко-свест.
Од здружението Еко свест објасуваат дека загадениот воздух е причина за смрт кај секој 7-ми човек во светот, а дури 90% од жителите на градовите секој ден дишат загаден воздух.
Градско дрво има ист ефект како 275 дрвја, а благодарение на соларните панели и системот за фаќање на дождовни води, оваа структура е практично самоодржлива и потребно е сервисирање од само неколку часа годишно. Конструкцијата содржи и сензори за собирање на податоци од важност за животната средина и климата со цел да ја регулира и контролира целата структура и да се осигура растенијата да преживеат. За да се обезбеди профитабилноста на производот, овозможена е опција за имплементирање на визуелни и дигитални информации за маркетинг кампањи на вертикалниот растителен ѕид, изјави Цветанка Икономова-Мартиновска, раководител на секторот за заштита на животна средина и природа на Град Скопје.
Инаку Градско дрво e иновативно решение на компанијата Грин Сити основана во 2014 година. Потребата за вакво нешто произлегува и од фактот што светската популација сè повеќе се сели во градовите, дури 50% од популацијата живее во град, а до 2050 година се очекува и до високи 80%, а со тоа растат и загадувањето на воздухот, стресот, бучавата, но и алергиите и малигните заболувања предизвикани од зголемени температури во градот.