Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Политичките партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември во законскиот рок, до синоќа на полноќ во ДИК ги доставиле финансиските извештаи за трошењето на парите во првите десет дена од изборната кампања.
Според членот 84б од Изборниот законик, организаторот на изборната кампања е должен единаесеттиот ден од денот на изборната кампања да поднесе финансиски извештај за приходите и за расходите на жиро-сметката за изборната кампања од денот на нејзиното отворање до крајот на десеттиот ден од изборната кампања.
Истиот извештај, освен до ДИК, се доставува и до Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спреќување на корупцијата.
Инаку, ваков финансиски извештај се поднесува и за вториот дел од кампањата по завршување на изборниот процес, а финалните финансиски извештаи партиите треба да ги достават во рок од три месеци по завршувањето на изборите.
Според финансиските извештаи доставени во ДИК, најмногу пари за предизборната кампања собрал СДСМ, вкупно 9.581.017 денари од вкупно 194 донатори, приватни лица.
Најголема сума, 184.350 денари се донирани од Бетиане Китев, Рената Дескоска донирала 180.000, а Радмила Шекеринска 120.000 денари.
ВМРО-ДПМНЕ, првите единаесет дена од кампањата ги заврши со 7.431.579 денари од 427 лица, приватни донатори. Најмногу пари одвоил секретарот Кирил Божиновски, 89.353 денари, Митко Чавков дал 40.000 денари, Миле Јанакиески 30.000 денари, Елизабета Канческа-Милевска донирала на двапати, еднаш 12.000, а вториот пат 18.000 денари, додека битолскиот градоначалник Владимир Талески ја поддржал партиската кампања со 35.151 денар.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) собрала вкупно 6.880.750 денари донации. Во извештајот има 18 ставки, но кај ДУИ има донации и од фирми, па така најголемиот донатор е Голец Транс ДООЕЛ од Тетово со 1.800.000 денари.
ДПА првиот дел од кампањата го заврши со 602.000 денари и тоа од приватни лица, а најмногу пари дал лидерот Мендух Тачи, 175.000 денари.
Коалицијата ВМРО за Македонија, според извештајот, од три донации собрала 1.843.500 денари, но не се наведува кои се донаторите.
Коалицијата за промени и правда во извештајот наведува дека има вкупни приходи од 1.448.300 денари, од кои донации се 948.300 денари, а 500.000 се други приходи.
Движењето БЕСА во првиот дел од кампањата добило вкупно 4.120.750 денари донации и тоа од две компании и од 51 приватно лице.
Партијата за демократски просперитет (ПДП) нема никакви приходи, но затоа регистрирала расходи за кампањата од 262,761 денар.
Либералната партија, според извештајот, добила донации од 436.000 денари од 11 лица, Коалицијата Алијанса за Албанците во 12 ставки има прикажано донации од 1.145.745 денари, а Левица добила 104.800 денари од десет лица.
Што се однесува до расходите, СДСМ е во позитива од 13.238.823 денари, односно потрошил помалку од она што го собрал како приходи од донации и од други извори на финансирање.
Но, владејачката ВМРО-ДПМНЕ има непокриени расходи од 36.626.805 денари, колку што изнесува разликата од пријавените приходи и пријавените расходи.
Непокриени расходи од 111.335 денари има и Коалиција за промени и правда – Трет блок, Либералната партија 41.811 денари, а Движењето БЕСА е со негативно салдо од 571.467 денари.