Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Љубителите на автомобили беа шокирани кога на социјалните мрежи се рашири веста дека на најголемиот сајт за продажба на половни возила, примерок од првиот модел на Голф произведен во веќе далечната 1983 година, се продава за сензационални 19.000 евра.
Извесен Патрик Мелке од Штутгард на сајтот mobile.de објави оглас во кој за примерок од првата генерација на Golf GTI бара импресивна сума од 19.000 евра, иако автомобилите од овој модел и старост можат да се најдат за цена која се добива кога од онаа која ја бара Патрик ќе отстраните две последни нули.
Сепак, не станува збор за грешка при поставувањето на огласот и впишувањето на сумата, туку за модифициран примерок од споменатиот модел. „За сите на кои возењето им е забава“, беше една од воведните најавни реченици во материјалите поделени за новинарите кога во 1976 година беше официјално претставен Golf GTI. Фразата која најдобро го опишува создавањето на моделот со кој Volkswagen воведе сосема нов сегмент во автомобилите и ја принуди конкуренцијата на преориентирање во создавањето автомобили.
Кога се појави на пазарот, овој модел чинеше 13.850 тогашни германски марки. Моторот со 110 коњски сили кој тежи 810 килограми гарантираше развивање на брзина од 0 до 100 км/час за 8,2 секунди и максимална брзина од 182 км/час. А други силни адути му беа робусноста, сигурноста и умерената потрошувачка.
Можеби не е случајно што овој жител на Штудгарт одлучил баш на 40-годишнината од создавањето на моделот да го понуди својот модифициран примерок на продажба. Неговиот Голф е значително изменет, моторот е „фризиран“, па наместо стандардните 100 коњски сили, има моќ од неверојатни 600 коњски сили. Фарбан е со специјална боја и вградени му се големи црвени алуминиумски фелни. Во огласот се наведува дека автомобилот е произведен во 1983 година, а има поминато само 5.000 километри. Од фотографиите може да се види дека внатрешноста на возилото е во исклучително одржана состојба, речиси „ганц“ нова.
Сепак, тоа не ја објаснува во целост високата цена, особено што за 19.000 евра може да се купи нов и многу полуксузен модел на спортски автомобил. Веројатно поради тоа сопственикот на овој модел на Golf GTI напиша дека во последно време примил премногу повици од недоволно сериозни купувачи, па во огласот потенцира дека никакво ценкање не доаѓа во предвид.
Останува да чекаме за да дознаеме дали ќе се најде некој доволно голем и богат фан на легендарниот „Кец GTI“ кој ќе го искешира Патрик со толкава сума за неговото милениче, или Патрик ќе мора да се задоволи со помала понуда.