Илјадници луѓе се жртви на аерозагадувањето на годишно ниво


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Агенцијата за животна средина на ЕУ вели дека загадувањето на воздухот е причина за 467.000 смртни случаи во ЕУ во 2013 година.

Во средата, Европската агенција за животна средина (ЕЕА) со седиште во Копенхаген го објави годишниот извештај за квалитетот на воздухот во Европа. Според извештајот, електричните централи и домаќинствата кои согоруваат јаглен и биомаси се одговорни за стотици илјади смртни случаи низ цела Европа – и покрај забележаното подобрување на квалитетот на воздухот во последните децении.

Намалувањето на емисијата на штетни гасови придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот во Европа, но не доволно за да се избегнат неприфатливите последици по здравјето на луѓето и врз животната средина, изјави извршниот директор на ЕЕА, Ханс Брујнинкс.

Мораме да се бориме против основните причини кои доведуваат до загадување на воздухот, а тоа бара фундаментална и иновативна трансформација на нашиот транспортен, енергетски и прехранбен систем, додаде тој.

Според извештајот, повеќе труд треба да се вложи од страна на креаторите на јавните политики и бизнис заедницата, како и од страна на граѓаните и истражувачите со цел да се адресираат опасностите од загадувањето на воздухот. Загадувањето на воздухот ги влошува или директно ги предизвикува респираторните проблеми, кардиоваскуларните болести, малигните заболувања и го скратува животниот век на луѓето, наведено е во извештајот. Негативни последици може да претрпи и производството на храна преку намалување на родот кај растенијата.

Податоците и информациите презентирани во извештајот се засноваат на повеќегодишно истражување. Имено, во периодот од 2000 до 2014 година биле мониторирани повеќе од 400 градови во Европа. Иако се забележани одредени подобрувања, сепак, високи 85% од жителите во урбаните населби во ЕУ во 2014 година биле изложени на загадување на воздухот на ниво кое се смета за штетно според СЗО – која инаку има построги стандарди од Европската унија.

Германија не исполнува 3 од 4 цели

Од ЕЕА велат дека од 2010 година, околу десет земји членки на ЕУ ги надминале максималните граници на дозволено загадување. Германија е единствената членка на ЕУ која надминува три од четирите таргети на ЕУ за максимално загадување. Тоа се должи на фактот што Германија сеуште користи јаглен за производство на половина од потребите на електрична енергија, како и на загадување предизвикано од индустријата и автомобилите.

Гласањето во Европскиот парламент за ревизија на директивата за „Национални плафони за емисија“ е зкажано за оваа недела. На ова гласање се очекува да се воведат уште построги таргети за максимално загадување. Се очекува земјите членки на ЕУ да го ратификуваат договорот пред крајот на годината.

Оваа недела се надевам дека Европскиот парламент ќе гласа позитивно за поголемите обврски во однос на загадувањето кои произлегуваат од Националната директива за ограничување на загадувањето, изјави Кармену Вела, европски комесар за животна средина.