И Левица со самостојна листа на претстојните избори – еве ги носителите на кандидатските листи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во писмената изјава со која ги објавија носителите на кандидатските листи во пет од шесте изборни единици, од новоформираната партија порачуваат:

По долги години, за прв пат, на изборите граѓаните ќе можат да гласаат за една автентична левичарска партија, за партија која отворено се заложи да ги штити интересите на обичниот народ, а не на бизнис елитите!

Левица вечерва до ДИК ги достави своите изборни листи. Нема да оди сама на изборите, туку самостојно, а заедно со обесправениот народ, во пет изборни единици.

Нашите кандидати за пратеници се потврдиле многупати досега како бескомпромисни и непоколебливи борци за правата на обесправеното и осиромашено мнозинство граѓани!

Носител во ИЕ 1 ќе биде Димитар Апасиев, универзитетски професор и долгогодишен борец за социјална правда.

Носител во ИЕ 2 ќе биде Трајче Стојанов, универзитетски професор и еден од најквалитетните колумнисти во Македонија.

Третата изборна единица ќе ни биде предводена од жена, Марија Џонс, една од највлијателните личности за време на протестите против воведувањето придонеси за хонорарите.

Во ИЕ 4 одиме со Митко Николов, истакнат еколошки активист, за да потенцираме дека нам заштитата на животната средина ни е многу важна работа!

И во петтата изборна единица ќе одиме со листа предводена од Здравко Савески, доктор на науки, синдикалец и организатор и учесник на многу протести во последната деценија.

Со тројца доктори на науки како носители на изборните листи, Левица го потенцира својот интелектуален капацитет! А со бројните учесници на протестите што се на нашите листи Левица убедливо го држи приматот на најпротестна партија! Ние немаме ниту еден газда на листите, ниту еден транзициски политичар! Имаме само борци за слобода и социјална правда!

Во ИЕ 6, со цел да го максимализираме ефектот од антирежимските гласови, на овие избори решивме да не учествуваме со сопствена листа.

А седмата изборна единица решивме да ја бојкотираме! Невиден изборен грабеж се случуваше на претходните избори и не мислиме дека тоа ќе биде поразлично и на овие! Затоа, ги повикуваме нашите поддржувачи во дијаспората да ги бојкотираат изборите и да не го легитимираат изборниот грабеж!