Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Во древниот Охрид синоќа со Свечена научна академија се чествуваше 1.100-годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, великиот сесловенски учител, простветител, мисионер, духовник, прв епископ меѓу јужните Словени и основоположник на прочуената Охридска книжевна школа.
Во обраќањето пред присутните на Академијата претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов укажа на солидарноста и хуманоста што деновиве македонските граѓани ја покажуваат кон настраданите од катастрофалните поплави во Скопје, нагласувајќи дека тие се токму дел од наследството што ни го остави светиот Климент Охридски.
Изразувајќи уште еднаш сочуство до настраданите и до семејствата на загинатите во невремето што се случи во саботата, Иванов нагласи дека неговите мисли се со неговите сограѓани во поплавените подрачја на Скопје, со семејствата кои ги загубија своите најблиски, со луѓето кои ги изгубија своите домови…
Порача дека треба да се следи примерот на Свети Климент и дека независно од етничката, јазичната, културната, политичката, социјалната или родова припадност, „треба меѓусебно да си помагаме особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија“.
– Тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг… да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме по катастрофалните поплави, почитувањето на светиклиментовиот повик ни е повеќе од неопходно. Само така ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски, истакна во говорот шефот на државата.
Претседателот Иванов уште ја истакна потребата од зачувување на богатото јазично, просветно, духовно и морално наследство на Св. Климент Охридски, како и неопходноста од пренесување на неговото наследство на младите.
– Сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници, имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија, порача македонскиот претседател.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, укажа на заслугата што му припаѓа на Свети Климент Охридски во отелотворувањето на промовираната идеја словенскиот род да го слави и велича Бог на свој јазик, која прерасна во величенствена хуманистичка вертикала – да се толкува христијанското учење на свој јазик и да се воздигнуваат човечките доблести преку своја оригинална литература.
– Можеме да речеме дека исчезнале народите кои немале свое писмо и своја книга, а со тоа, како што се велело во тоа време, од Бога дар за јазици, особено за нивниот придружник Словото, дар за создавање и разговор со книги, дар за скриените тајни во формите на зборовите. Тој дар нам на Македонците и на сите словенски народи, ни го осуштестви Свети Климент, а неговите ученици го пренесуваа од колена на колено низ сите следни векови, како што ние денес им го пренесуваме на генерациите како залог за иднината, рече академик Фити.
Токму таа мисла на Светиот Климент изговорена пред повеќе од 11 века ја сублимира суштината на модерната идеја за рамноправност меѓу народите, за рамноправност на јазиците, за природните човекови права и слободи, како еден од столбовите на вредносниот систем на европскиот хуманизам, врв кој опстојува модерна Европа и на современата светска цивилизација во целина.
Во име на охриѓани, почит кон нивниот духовен заштитник и патрон на градот Охрид, искажа и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
– Охрид со Свети Климент и со неговиот духовен брат Св. Наум пред 1.100 години не беше само „обична европска провинција“ туку значајна образовна, културна и духовна европска престолнина од којашто и тогаш, а и сега се шират писменоста и цивилизациските вредности. Нивната посветеност и продуховеност и денес го потсетуваат светот за големите дела коишто доаѓаат од еден мал народ. Токму затоа делото на Свети Климент е нашата духовна, културна и национална инспирација, рече Бакрачески.
Пред грандиозното дело на сесловенскиот духовен отец Свети Климент Охридски преку свои излагања на Академијата се поклонија и претседателот на Бугарската академија на науки, академик Стефан Воденичаров, академик Владимир Костиќ, претседател на Српската академија на науки и уметности, Момир Ѓуровиќ, претседател на Академијата на науки на Црна Гора, Милош Трифковиќ, претседател на Академијата на науките и уметностите на БиХ, академик Тадеј Бајд претседател на Словенечката академија на науки и уметности и професор Сузана Миљан во име на Хрватската академија на науки и уметности. Сите говорници искажаа сочувство за семејствата на трагично загинатите во невремето што го зафати скопскиот регион и во духот на учењето на Свети Климент изразија солидарност со македонскиот народ.
Илјада и стогодишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски, како значаен јубилеј за Република Македонија, се одбележува со многубројни активности и културни настани посветени на животот и делото на овој голем македонски просветител.
Во црквата Света Софија во Охрид вчера беше отворена и изложбата „Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност во Македонија и во соседните земји“ и беше приреден молебен и положено цвеќе пред гробот на Свети Климент што се наоѓа во храмот што тој го изгради на Плаошник.