Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Народната легенда за прекрасното и импресивно вајарско ремек дело на Природата раскажува дека многу одамна, селото Куклица било сведок на голема љубовна трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната мома ги проколнала младенците.
Кога дошол денот на свадбената прослава, навидум сè било во ред со двете весели страни, и онаа од зетот и онаа од невестата: се собрале сватовите, стасале и другите гости, почнала веселбата и сè течело во најубав ред. Но, во моментот кога младенците се бакнале, клетвата од момата се остварила и сите свадбари се скамениле.
Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот, суровоста, но и за болката, скршеноста и љубовната разочараност на несреќната девојка. Селаните местото го нарекуваат „Весела свадба”, бидејќи сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети “кукли”, и месноста го добила своето име – Куклица.
Судбината на девојката која ги проколнала младенците, според легендата, останува непозната. Како и многу други детали од народното предание.
Но, со својот раскош, импозантност и импресивна чудесна убавина, камените скулптури на „сватовите“ и денес даваат широка предлошка за човечката фантазија и имагинација, секој по свој вкус и убедување да си ја разубави и надополни приказната за несреќните младенци.
Едни од највпечатливите камени фигури на Куклица се зетот и невестата, кои се гледаат во очи, придружени од деверот и деверицата, а тука се и кумот и кумата. Отспротива, маркантна е композицијата меѓусебно поврзани природни камени скулптури кои ги претставуваат сватовите.
Од научен аспект, пак, науката вели дека камените фигури се создадени пред 10 милиони години, многу пред појавата на човечкиот вид на нашата планета. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала “кукли” со висина од десет и повеќе метри, кои и денес доминираат во питомата околина.
Со текот на времето, природната уметничка рака од нив извајала ретки ремек-дела. Како и да е, ваква “свадба” нема никаде на светот и ова место е заштитено од Агенцијата за природни реткости при Министерството за животна средина. Нешто слично има само во Србија, во местото Ѓавоља Варош.
Според локалното население, и во горно и во долно маало, двете разделени со еден рид, на секои 5-6 години „никнува“ по една нова „свадбена“ фигура.
Инаку, овие камени форми се наоѓаат во близина на раштрканото село Кулица (на околу 8 км од Кратово), на десната долинска страна на Крива Река, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 km².
Има две групи на земјени пирамиди: оние во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица се поголеми (високи до 10 м), самостојни и во вид на земјени столбови; на исток (десно) од претходните, по страните на возвишението Забел се распоредени помали форми (високи до 5 м), блиску една до друга и често споени во подножјето.