95 години од раѓањето на Блаже Конески – поезија во таа чест


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Денес се навршуваат 95 години од раѓањето на македонскиот лингвист, филолог, поет, прозаист, литературен и јазичен историчар и академик, Блаже Конески. Во негова роденденска чест, што друго ако не поезија.

МОНОЛОЗИ
(три одломки од поемата „Ракување“)

*

Родината —
Низ тој шум прашање вечно:
Како во животот?
Како со луѓето?
Со љубовта и омразата?
Со себе како?
Лесен одговорот во збор красно срочен,
Со важност за сегде.
Тежок кога безброј пати
Човек треба да го дава.
Родината?
Видиш каква мисла:
Врсница таа е наша!
Ние ја растеме во себе,
Смртни
А за вечност жедни,
Неа
Што треба вечна да биде!
Погледот в срце —
Блесок в ноќен мир,
И зборот нејзин:
„Пред чинот сме веќе,
Доста несталните возбуди на песните!
Не закопујте ме
Во жабјакот на млаките души,
Не оставајте
Пајажина да ме обвие
Во срца колебливи.
Сонце сум — својот изгрев го сакам,
Слобода барам —
Изборете ја!
Ах, како ветар дахот да ми мине
Над мајските ’ржје,
И тоа таласање —
На тревите да им се предаде,
На лисјата да им се предаде,
На рамнините,
На ’рберите од планините,
И подалеку —
На езерата да им се предаде,
Да биде докрај една слатка морница
По снагата од сета наша земја!“
Родината:
Не спокој е таа,
Ниту езеро мирно,
Судбата на животот наш е тврда:
Верност бара
Напред кога не праќа,
На паднатите по нашите распаќа,
На самите нас,
Да најде веќе смисла — жртвата.
Како ќе постапам?

*

Кажи, дали мислите ни се толку блиску,
И едно претчувствување ли е тоа,
И една жед?
За жива струја и јас копнеам,
Но да е таква — утока што нема,
Што нема крај:
Дека не по песок тече,
Бели камчиња ронејќи,
И не низ трева со смеа се извива,
Игралита и ѕунлива
Иако млако спокојство ја чека.
Не!
Таа тече од срце до срце,
Колку што срца народот го чинат,
Ах, смисли ја
Широчината на тоа корито!
Таа во безброј вдодпади се прелива,
Блискотни,
Од срцата на старите
Во срцата на децата,
Во обновата на колената.
Ах, смисли ја
Бескрајноста на тоа течење!
Сладок шепот, сладок плискот,
Преливи на сонцето и месечината,
Ноќни приказни,
И бучење, што страши, во далечината,
Во вриеж на пени,
И сето тоа во човечки гради!
Таа струја ја жедувам —
Поезијата.

*

О, треба да сме триж силни по дух
Деца на мало, потиснато племе,
Во бурава на светот,
На татковина — што први смисла,
Први слободен облик ѝ даваме,
На поезија творци
Први од срцава што я извираме.
А кај е во нас, дали ја има
На оној древен јунак силата?
Долгот го знаеш,
Но ситен да се сетиш — страшно!
Дали се чудни тие сомневања?
Кој ќе ни прости?
Кој ќе заживее со нашава душа
И тогаш кога веќе ќе нè нема?

Блаже Конески