95 години од раѓањето на Вангел Наумовски – уметникот кој за Салвадор Дали беше „сликар од бајките“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На денешен ден, 22 март, 1924 година, во Скребатно, Охрид, е роден Вангел Наумовски, преставник на македонската „наива“, кој прво беше познат и признат како голем уметник од светот, за потоа да биде признат и дома.

Со името на охридскиот сликар, кого Салвадор Дали воодушевено го нарече „сликар од бајките“, се поврзани повеќе епитети – тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта… Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи.

Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е иусклучен од истото како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби и награди и признанија.

Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија. Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980.

На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата „Premio Mondale della Cultura” и „Statuata della Vittoria 1984″, a Academia de Europa од Италија наградата „European Banner of arts” со златен медал. Во 1982 година макдонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво.

При посетата на неговата изложба во Париз во 1970 година од страна на култниот Салвадор Дали, големиот сликар изјавил:

„Ова е сликар од бајките. Тој е наивен сликар, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има елемнти кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“.