Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Откако бившиот премиер Зоран Заев вчера најави дека доколку опозицијата го блокира гласањето за предлогот на закон за Јавното обвинителство, тогаш распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот ќе се одложат, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тоа го оцени како бегање од избори на СДСМ.
Практично Заев не побара одложување на датумот на избори, туку на датумот за распуштање на парламентот, со цел Собранието да добие дополнителни 15 дена за усвојување на неколку важни закони. Таквата можност ја гледа во регулативата која предвидува дека изборите се распишуваат од 45 до 60 дена по распуштањето на Собранието. Доколку партиите се договорат изборите да се спроведат во рок од 45 дена, тогаш парламенот добива дополнителни 15 дена за работа, и не мора да се распушти на 12-ти февруари, пренесува Дојче Веле.
„Имаме простор од 15 дена за распишување на изборите и распуштање на парламентот, како што тоа го предвидуваат законите и Уставот“, изјави Заев. Потенцираше дека и тој посакува парламентот да се распушти на 12-ти февруари, но не доколку не се донесат некои клучни закони дотогаш.
„За мене е многу важно да се гласа во Парламентот за законот за Јавно обвинителство, а кога ќе се гласа, законот може да се донесе или да не се донесе, нема трета опција. Собранието треба да се распушти на 12-ти февруари. Ако опозицијата се обидува да го минира или блокира неговото донесување, односно гласањето, нормално дека Парламентот нема да се распушти додека не заврши процесот на изјаснување за законот за ЈО, за Протоколот за НАТО, за законот за одбрана и слични закони. Делот од агендата за која се договоривме е дека за овие законски решенија ќе се гласа до распуштањето на Собранието и распишувањето на изборите. Ако некој го прекрши договореното, тогаш распишувањето на изборите нема да се случи”, рече Заев.
„Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само една и пол недела пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство“, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12-ти февруари“, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери за „360 степени“.