850 работници може да завршат на улица: Поради долгови на „Фени“ му се заканува затворање


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На единствената линија што работи во фабриката „Фени индустри“ ѝ се заканува гаснење поради што без работа ќе останат речиси 850 вработени. Поради недомаќинското работење на раководството, долговите на фабриката пораснале до таму што нема пари за да продолжи производството, нема пари да се плати струјата, да се платат транспортерите и другите доставувачи, се жалат вработени во фабриката.

Од петокот во фабриката се влезени извршители што попишуваат сè што ќе најдат за да ги наплатат долговите. Налепници на кои стои известување „попишано од извршител“ се залепени насекаде.

Од завчера, пак, производната линија работи на одржлив минимум со 5 мегаватчаса, односно се одржува топла само за да не се изгаси целосно. Производство нема, но и покрај тоа, вработените втор ден доаѓаат на работа.

Вработени во фабриката за „Макфакс“ велат дека гасењето и на оваа линија ќе значи затворање.

„Ако се изгасне, Фени ќе биде само старо железо. Кога се ќе се олади, за повторно да се вклучи ќе бидат потребни најмалку 15 милиони евра. Никој не е заинтересиран да купи изгасена фабрика. Кавадарци живее од Фени. Ние во 2001 година лежевме по улиците и молевме државата да ја плаќа струјата за да не се изгаси фабриката и успеавме во тоа. Фени со години е најголемиот извозник од Македонија и секогаш меѓу петте најуспешни компании, но раководството успеа да наталожи долгови поради кои не може да продолжи производството. Ние не можеме да кажеме ништо друго освен дека работењето е криминално бидејќи ние цело време произведуваме и извезуваме, но место да одиме на подобро, ни се кратеа платите, се продаваа или подаруваа ќерките фирми, а долговите се таложеа“, обвинуваат вработените.

Според нив, само долгот за струја надминувал 7 милиони евра, а фабриката должела и на сите со кои соработувала.

Директорот на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, е недостапен да објасни во каква состојба е фабриката и дали повторно ѝ се заканува затворање. Прашањата за долговите и извршителите ги поставивме во дирекцијата на фабриката, но иако добивме ветување дека ќе ни бидат одговорени, не добивме одговор.

За долгот на „Фени“ за струја молчат и од „Енерџи деливери солушнс ЕДС“ ДОО.

Банките, пак, во кои фабриката има кредити, ни одговорија дека мора да ги штитат податоците на индивидуалните клиенти и поради тоа не може да кажат колку им должи „Фени“ ниту, пак, дали веќе испратиле извршители за наплата на долговите.

Извор: Макфакс