Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во Моклиште, кај кавадаречкото село Ваташа, денеска беа одбележани 80 години од стрелањето на 12 младинци за време на Втората светска војна. На настанот беа откриени 12-те бисти на младинците и се отвори Спомен соба за достојно одбележување и оддавање почит за нивната храброст и непокорност.
На местото денеска беа претставници и на власта и на опозицијата кои порачаа дека овој грозоморен чин од бугарскиот фашистички окупатор не смее да се повтори ниту да се заборави.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, пак, на одбележувањето присуствуваше генералниот секретар Миле Бошњаковски, кој положи цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои биле убиени на 16 јуни 1943 година.
Како претставник на Владата, пак, во изјава за медиумите, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека после 80 години од овој грозоморен чин денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен.
„Наша должност е овој грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада, никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака – оваа крвава страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не смее да се повтори“, нагласи министерката.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, исто така посочи дека тоа што 12 младинци на ѕверски начин биле убиени од бугарскиот фашистички окупатор е чин кој треба да не обедини и никогаш да не се заборави. Тој упати обвинувања до „луѓе активни на политичката сцена“ дека се подготвени ваквите моменти и да ги заборават.
„Јас сум свесен дека денеска голем дел од луѓето коишто се активни на политичката сцена во лов на сопствена политичка кариера и ден повеќе да бидат активни во политиката подготвени се дури и ваквите моменти да ги заборават, да ги избрусат, како што тоа го правеа многу пати во минатото со брусење на некои други хералдички знаци коишто се дел од македонското минато. Но, меморијата на овие луѓе никој не може да ја избруси, таа е вечна и таа се пренесува од колено на колено, од баба на внук, од генерација на генерација. Фактот е еден, а тоа е дека бугарскиот фашистички окупатор стрелаше овде во Ваташа 12 младинци“, рече Мицкоски.
На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека денес е гордост да се биде дел од Кавадарци и со повеќе сограѓани и политички партии заедно да се одбележи 80-годишнината од стрелањето на 12 младинци.