77 години од стрелањето на 12 младинци од Ваташа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денеска се навршуваат 77 години од стрелањето на 12 млади момчиња од Ваташа од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Во нивна чест, во 11 часот денес беше положено цвеќе на споменикот на 12 ваташки младинци во месноста Моклиште. Поради коронавирусот, годинава ќе нема културно-уметничка програма пред споменикот.

Историчарот Петре Камчевски потсетува на овој настан. -Во 1943 година беше извршен Ваташкиот масакр, најголемиот злочин (заедно со Дабничкото клање) во времето на Втората светска војна во Македонија. Со намера да го спречи големиот подем на НО движење во Македонија, а се во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста „Моклиште” стрелал 12 младинци од селото Ваташа од 15 до 27 годишна возраст, појаснува Камчевски, хроничар на Кавадарци и Тиквешијата.

Во раните утрински часови во Ваташа била извршена блокада на селотo, при што биле уапсени 16 младинци и младинки и сите биле спроведени во селската меана на Васил Хаџи Јорданов.

-Таму сите биле безмилосно тепани од страна на заменик полицискиот началник Петко Опреко, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти, вели историчарот Камчевски.

Еден од младинците, Диме Чекоров со моторцикл бил однесен во полицискиот участак во Кавадарци. Потоа сите во колона по еден, во придружба со силно воено обезбедување, биле однесени во месноста „Моклиште”, каде девојчињата биле издвоени, а врз момчињата бил отворен оган од митролези и пушки.

За масакрот во Ваташа пишува во „Билтенот” на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година каде стои: „Младинците се изрешетани од куршуми од митролези, па се после избодени со бајонети, на некој им се исечени рацете и извадени очите, а притоа сите биле опљачкани”.

Поручникот Борис Костов кој раководел со овој злочин, со шмајзер во рацете од кој се уште се чадела цевката им се обратил на преплашените девојки со зборовите: „Гледајте, гледајте и вас ќе ве најде истото”. Откако му реферирале за извршениот масакр , за успешно извршената акција, полковникот Љубен Апостолов восхитено рекол: „Тоа е тоа, страшни момчиња имам”.

-Меѓутоа, ниту еден поголем злочин во историјата не поминал неказнето. Стрелачкиот вод кој учествувал во злочинот, една година подоцна, на 13 јули 1944 година, бил целосно уништен од страна на два баталјона на Втората МУБ кај село Страмашево. Поручникот Костов и заменик полицискиот началник Петко Опреков биле ликвидирани по капитулацијата на фашистичка Бугарија. Нивниот наредбодавец, полковникот Љубен Апостолов бил уапсен во Бугарија и спроведен во Кавадарци, каде Народниот суд во Монополот го осудил на смрт, а казната ја извршиле жителите од Ваташа и Кавадарци. Обласниот полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле уапсени, осудени на смрт и стрелани, нагласува Камчевски.