Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вкупниот буџет на Министерството за економија за 2021 година ќе изнесува 826 милиони денари, или 13,4 милиони евра, пренесува Мета.
Од овие средства, 130 милиони денари (2,1 милион евра) се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 167 милиони денари (2,7 милиони евра) се за капитални расходи, а 190 милиони денари (3 милиони евра) се за разни субвенции, информира на денешната прес-конференција, министерот за економија, Крешник Бектеши, при презентирањето на предлог-буџетот на Министерството за економија за наредната година.
Тој додаде дека за дел од субвенциите што беа предвидени во програмите за 2020 година, поради пандемијата и економската криза, не беа објавени јавни повици за дел од мерките, но наредната година се очекува да се реализираат сите програми и мерки за што се предвидени дополнителни средства.
„Во Програмата за енергетска ефикасност предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 47 милиони денари, 764 илјади евра, а тука спаѓаат пред сè субвенции за: купени и вградени сончеви термални колекторски системи, замена за ПВЦ или алуминиумски прозорци, купување на печки на пелети и надоместок за инсталирање на фотонапонски системи за производство на електрична енергија“, потенцираше Бектеши.
Тој додаде дека финансиската поддршка на туризмот и во 2021 година ќе биде во фокусот на министерството и ќе продолжат субвенциите за селски домаќинства, за активен туризам, за дигитализација на туристичкиот сектор, за поддршка за туристички работници со ниски приходи и друго.
Во буџетот на ова министерство за 2021 се предвидени двојно повеќе средства за поддршка на претприемништвото, вкупно 50 милиони денари, додека во 2020 година беа предвидени за оваа намена 20,3 милиони денари. Ќе се обезбеди и финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, за женско претприемништво, подобрување на вредносните синџири, сертификација на системи за квалитет, на ХАЛАЛ систем и поддршка на занаетчии.
За следната година тројно е зголемен и буџетот за субвенции за приватни претпријатија, при што се предвидени 13 милиони денари за имплементација на активности за паметна специјализација, поддршка на фирми од преработувачка индустрија, проширување на акредитација на лаборатории за испитување на градежни производи и други активности.