76 години од смртта на Кочо Рацин


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


На денешен ден, 13 јуни, 1943 година, под доста нејасни околности, на планината Лопушник, убиен е поетот и револуционерен деец Коста Апостолов Солев Рацин.

Смртта на Кочо Рацин, официјално, се води како несреќен случај, но има многу дилеми дали навистина било несреќен случај. Рацин загинал како партизан, а во македонската историја е забележан како поет и револуционер и еден од темелниците на современата македонска литература.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес, каде што се родил на 22 декември 1908 година.

Koста Апостолов Солев Рацин е основоположник на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ издадена во Загреб во 1939 г. претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Од историјата Рацин покажал посебен интерес за богомилското движење и напишал неколку трудови на таа тема: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“.

Посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“ („Богомилите“). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека не станува збор за несреќен случај, туку дека бил намерно убиен.