Седуммесечно и двегодишно дете починаа во последните 24 часа


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Две деца, едно на седуммесечна возраст и едно на двегодишна возраст, починаа во последните 24 часа во Струга и во Охрид.

Седуммесечното девојче од Струга било донесено без знаци на живот на детското одделение во овој град. Според директорот на болницата, Асим Муса, бебето имало тешка вродена болест на главата, а состојбата деновиве се влошила. Детето доцна синоќа било донесено на детското одделение во Струшката болница.

Лекарите им предложиле на родителите да го хоспитализираат, но родителите не прифатиле и го вратиле дома. За таквата одлука потпишале изјава, вели директорот Муса. По кратко време детето повторно било донесено, но овој пат мртво. Од струшката болница велат дека бебето живеело во лоши услови, јавува АлсатМ.

Во случајот во Охрид, пак, двегодишното девојче синоќа било донесено во болница во состојба на малаксаност. Лекарите му дале терапија, по што било пуштено дома во подобра состојба. Пред полноќ било повторно донесено во тешка состојба. Педијатар, интернист и анестизиолог повеќе од еден час се обидувале да го реанимираат, но безуспешно.

Телото на починатото девојче било однесено на обдукција, а најрано доцна вечерва треба да се знаат и резултатите. Од болницата повеќе информации најавија за утре.