Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бившиот македонски премиер и актуелен бегалец Никола Груевски доби казна затвор од 7 години во судскиот предмет „Плацови на Водно“, во кој се терети за грабеж на неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ за 1.360.000 евра, кои ги пуштил во оптек и ги испрал за да купи плацеви од 11 илјади метри квадратни за себе на Водно.
Денеска од судијата Илија Трпков од Основниот кривичен суд на Груевски му изрече затворска казна во траење од 5 плус 3 години за прикривање. Или, на единствена казна затвор од 7 години и парична казна од 3.500 евра.
Сашо Мијалков, за помагање во перењето на парите, осуден е на година и три месеци затвор. Тука му се пресметува и времето поминато во притвор.
Обвинителката Лиле Стефанова кажа дека ќе се жали за казните за Груевски и Мијалков, бидејќи смета дека се ниски.
За помагање се виновни и преостанатите обвинети: Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, кој е осуден на една година затвор. Му се пресметува времето поминато во притвор и нему.
Новачевски е осуден на условна казна затвор, Јосифовиќ исто така.
Судот поклони верба на Белизе-шемата, односно за рециклирање на незаконски стекнати пари, што го поткрепи обвинителството со докази, рече судијата.
„Груевски ги присвоил доверените пари од донатори и членови кои верувале во просперитет. За тоа потврдија сведоците Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер. Влатко Чинговски во својство на курир кажа како носел пари во партијата. Сведоци кажуваа како под влијание на Коце Трајановски и други, оставале големи суми во ВМРО-ДПМНЕ, а за парите според Јанкулоска и Протуѓер, освен Груевски, увид во располагањето немале други во партијата”, продолжи Трпков.
Тој потсети дека обвинителството покажа докази оти Груевски земал во просек околу 80 илјади, а сопругата околу 60 илјади денари плата. А немале промена на имотниот лист во меѓувреме.
„Како обвинетиот Груевски очекува да поверуваме дека не комуницирале тој и Орце Камчев? Самиот Груевски докажа дека комуницирале кога го објави разговорот. Тој сам си ја сруши теоријата на одбраната”, зборуваше денеска судијата.
Се виде улогата на кумот на Груевски, Ристо Новачевски, на Камчев, на Ненад Јосифовиќ, рече во продолжение тој.
„Македонските пари на Груевски прават прошетка до Белизе и преку Стопанска банка Битола се враќаат во Македонија. Потоа како пари на Камчев одат до Белизе и се враќаат во Орка Холдинг. По објавувањето на бомбите, за да се прикријат парите на Груевски, сестрата на Камчев ги купува уделите на фирмата Сирах на Груевски, во размена за три стана во комплексот Панорама Резиденс. Сите знаеле дека станува збор за нелегално стекнати пари”, рече Трпков.
Потоа тој во детали прочита како обвинетите неколкукратно префрлувале удели, отварале и нови фирми, за да го прикријат потеклото на нелегалните пари на Груевски.
Во текот на судењето Новачевски, Камчев и Јосифовиќ ги признаа кривичните дела потврдувајќи го текстот во обвинителниот акт. Само Мијалков не призна, докрај негира дека е виновен во овој предмет.
Судијата кажа дека факт е оти никој од обвинетите не стекнал за себе имотна корист од перењето валкани пари на Груевски.