533 кривични пријави за граѓани кои не почитувале самоизолација и полициски час


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Заради непочитување на мерките самоизолација и полициски час, поточно заради движење надвор во време кога на сила е полицискиот час, во Македонија досега 533 граѓани добија кривични пријави со вкупна вредност од неколку стотици илјади евра, пренесува Мета.

Основното јавно обвинителство ги објави збирните информации за предмети во сите јавни обвинителства низ градовите во државата по членовите 205 или 206 од Кривичниот законик, како и по пријави за непочитување на мерките за спречување или сузбивање на опасната заразна болест корона вирус Ковид-19.

Заклучно со 7 април, најголем дел од граѓаните што добиле казни се поради непочитување на полицискиот час во сиот изминат период. Паричната казна во износ од 2.000 евра е изречена во најчест број на случаи за лицата што не ја почитувале забраната за движење во изминатите денови. Сепак, вкупната сума што ќе ја инкасира државата од ваквите казни не може да се увиди од достапниот документ на Основното јавно обвинителство, поради фактот што во некои предлози за казни се наведени единствено бројот на дневни глоби, без да се наведе вредноста во евра на секоја од нив.

Се очекува бројот на казнети граѓани за непочитување на усвоените мерки од владата да расте и во наредниот период, особено што од денес започнува заострувањето на полицискиот час. За време на работните денови, од понеделник до петок, тој ќе трае од 16 часот попладне до 5 часот наутро, додека во сабота и недела ќе има целодневна забрана за движење на сите граѓани надвор од нивните домови.