Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
500.000 вакцини против Ковид-19 кои Владата ги набави од кинескиот производител Синовак вчера со два авиони пристигнаа во Скопје. Станува збор за најголема пратка вакцини пристигната во земјава, а вакцините ќе бидат распоредени во градовите низ државата.
Според државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски, која заедно со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо ги пречекаа вакцините, со оваа пратка ќе се вакцинираат значителен број граѓани со што ќе се забрза процесот на постигнување на колективен имунитет.
„Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на бројот на новозаразени со ковид-19 и на хоспитализирани граѓани за што говори фактот дека сите ковид-центри низ државата се празни, а малиот број хоспитализирани пациенти е на Инфективната клиника, истакна државната секретарка за здравство.
Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо порача дека вакцините се најмоќното оружје за надминување на епидемијата и посочи дека вакцината Синовак е одобрена од Светската здравствена организација. Во Кина, како што рече, се употребени над 1,1 милијарди дози и се вакцинираат луѓе на возраст од 3 до 100 години.
Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари за пратката на вакцини, и најави дека неделава значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на целата држава.
„Благодарност до кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо и на пријателската Кина, со чијашто помош успеавме да ги обезбедиме овие вакцини и денеска да ги добиеме во нашата држава“, вели во статусот на Фејсбук.
За ефикасноста и безбедноста на вакцината Синовак, Филипче посочи дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.
„Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица“, напиша завчера Филипче на Фејсбук.