50 војна во Украина: Зеленски им се заблагодари на Украинците за дадениот отпор


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во синоќешното видеообраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски им оддаде почит на бранителите на Украина и со тоа го одбележа педесеттиот ден од воениот конфликт во земјата, пренесе Би-би-си.

„Педесет дена од нашата одбрана е достигнување. Достигнување на милиони Украинци. Секој што ја донесе главната одлука во животот на 24 февруари – да се бори. Да се ​​биде човек. Да не се откажува. И да не изневерува“, истакна Зеленски во своето видеообраќање, заблагодарувајќи им се на Украинците за отпорот во овие педесет дена.

Зеленски додаде дека на почетокот на инвазијата никој не верувал дека ќе преживеат и им се заблагодари и на сите поддржувачи на Украина. Тој истакна дека Украина е најхрабрата земја, а оти украинскиот народ е неуништив.

„Овој период, овие педесет дена ми ги покажаа светските лидери на поинаков начин. Ги видов политичарите да се однесуваат како да немаат моќ. И видов луѓе кои не се политичари, а кои направија повеќе во овие педесет дена од некои државници“, продолжи тој, потсетувајќи се на неговите разговори и средби со многу западни лидери.

Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека речиси пет милиони Украинци ја напуштиле својата земја до педесеттиот ден откако Русија ја започна инвазијата во соседна Украина, на 24 февруари.

Новата статистика објавена од УНХЦР на 14 април покажува дека 4 736 471 лица ја напуштиле земјата поради војната, што е за 79 962 повеќе од претходниот ден, а што ја прави оваа бегалска криза најголема на европско тло од Втората свтска војна.

Освен надвор од Украина, ОН на 5 април соопштија оти околу 7,1 милион луѓе се внатрешно раселени во земјата.

Полска, која досега прими околу 2,69 милиони бегалци, е главна дестинација за оние што ја минуваат границата. Следна е Романија со околу 716 797 бегалци кои влегле на нејзина територија. Најмалку бегалци, пак, одлучиле да се засолнат во Белорусија, односно околу 22 428 лица.