5 причини за колапсот на турската лира


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Силниот пад на турската лира во однос на доларот е најсериозниот економски предизвик за Турција на Реџеп Тајип Ердоган по финансиската криза од 2001 година.

Причините се истовремено конјунктурни и структурни. На 10 август, наречен веќе од економистите како „црниот петок“, турската лира загуби речиси 16 проценти од својата вредност во однос на доларот – колапс, забрзан од твитот на Доналд Трамп, кој објави удвојување на увозните давачки за турскиот челик и алуминиум.

Ердоган се обиде да ги смири пазарите во понеделникот, велејќи дека основите на турската економија се „здрави“. Но економистите сметаат дека објаснувања за тешкотиите на Турција – 17-та светска економска сила, која забележува силен раст, треба да се бараат надвор од економските политики на владата.

Кризата со САД

Во почетокот на август, САД воведоа санкции против двајца министри на Ердоган, за да го искажат незадоволството од апсењето на американскиот пастор Ендрју Брeнсoн. Анкара одговори со слични мерки.

Оваа криза меѓу две важни членки на НАТО – најсериозната по повеќе од 40 години, ги „штрекна“ инвеститорите и предизвика пад на лирата во однос на доларот минатата недела. Tвитот на Трамп во петокот само ја докомплицира ситуацијата.

Американските санкции „го цедат протокот на капитал“ во Турција, велат од „Капитал Економикс“.

Структурни проблеми

Дури и пред кризата со САД, економистите упатуваа предупредувања за непосредна закана од финансиска бура. Всушност за да ја претекне, Ердоган ги закажа во јуни изборите, кои инаку беа предвидени за 2019 година, истакнуваат аналитичарите. Турскиот претседател беше убедливо реизбран за 5-години со засилен мандат.

Тензиите меѓу Анкара и Вашингтон само ја „забрзаа“ економската криза, која беше на повидок, посочува Пол Т. Левин, директор на Институтот за турски студии на Универзитетот во Стокхолм.

Структурните проблеми на Турција се илустрирани од една силна инфлација, која достигна речиси 16 проценти на годишна основа во јули и од еден дефицит на тековната сметка, кој не престанува да се продлабочува.

Необична политика

Ердоган изгради голем дел од својата популарност по доаѓањето на власт во 2003 година врз силен раст и големи инфраструктурни проекти, кои ја променија земјата. Економистите го опишуваат турскиот претседател како приврзаник на „растот на секоја цена“, откако започна со оној за високо задолжување.

Ердоган редовно предизвикува изненадување со поддршка на оние што се противат на класичната економска мисла. Тој вели пример дека намалувањето на каматните стапки ја намалува инфлацијата, додека повеќето економисти го тврдат спротивното.

„Од пред извесно време беше очигледно дека лошото економско управување конечно ќе има последици“, нагласува Левин.

Каматни стапки

Турската централна банка треба да биде независна, но многу економисти сметаат дека таа е се повеќе под притисок на Ердоган. Нејзината одлука да не ги зголеми каматните стапки минатиот месец, и покрај силното зголемување на инфлацијата, ги зачудија пазарите.

Централната банка во понеделникот објави серија мерки за да ги смири инвеститорите, поконкретно алатки за ликвидност, но таа не ги спомена каматите.

„Мерките кои влијаат на ликвидноста, не го решаваат основниот проблем, а тоа е падот на лирата“, нагласува Константинос Антис, аналитичар од Еј Ди Ес Секјуритис.

Економски тим

Јунските избори ја обележаа реорганизацијата во турската политика. Земјата премина кон претседателски систем на управување, кој ги концентрира сите извршни овластувања во рацете на шефот на државата. Ердоган не го задржа во својата влада вицепремиерот Мехмет Шимшек – фигура, почитувана и прифатена од пазарите.

Покрај тоа, тој го довери управувањето со економијата на својот релативно неискусен зет, Берат Албајрак назначен за министер за финансии и благајна. Неговото назначување беше проследено со пад на лирата.

„Без никакво сомневање, недостатокот на брз, цврст и рационален одговор од страна на турските власти, е она што ја турна лирата кон длабок пад“, забележува Левин.

Извор: Стандард