Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
47 полицајци беа повредени вчера вечерта во судирите со дел од учесниците на протестите против францускиот предлог, потврдија за МИА од МВР.
Дел од демонстрантите почнаа да фрлаат петарди, димни бомби и други предмети кон специјалците и ја урнаа оградата пред законодавниот дом, по што интервенираше полицијата.
Министерството за внатрешни работи доцна синоќа информира дека од 47-те полициски службеници, 11 се потешко повредени, а двајца имаат сериозни повреди. На сите им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.
Покрај четириесет и седум повредени полициски службеници, полицијата информира дека на синоќешниот протест против францускиот предлог се приведени 11 демонстранти, а причинета е и материјална штета.
За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена е и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
„Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции“, се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму информираат дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
„МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот“, велат од ресорното министерство.