Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Распределба на домаќинствата во 4 блок-тарифи според висината на потрошената скапа струја предвидува реформа на тарифниот систем за електрична енергија, кој беше на јавна расправа во Регулаторната комисија за енергетика, пренесува ПлусИнфо.
Како што беше соопштено, во првиот блок ќе бидат домаќинствата кои трошат до 210 киловатчасови струја, во вториот до 420 киловатчасови, додека пак оние кои трошат струја од 420 до 630 киловатчасови ќе бидат сместени во третата група, додека останатите во четвртата. Оние домаќинства кои ќе бидат сместени во последната група ќе плаќаат струја по цена како кај малите потрошувачи со сегашната ниска тарифа.
Со новиот тарифен модел броилата ќе се читаат на секои 35 дена, а домаќинствата се бројат според регистрираното броило, не според бојот на членови кои го сочинуваат.
Во блоковското тарифирање на потрошувачката на струја се вклучени и викендиците, како и струјомерите во зградите преку кои се плаќа потрошената струја за лифтови, осветлување на заградите и топлотни потстаници и хидрофори.
Се тарифира само потрошувачката на скапата струја, односно онаа потрошена во периодот на високи дневни оптоварувања (од 7 до 22) часот, додека во периодите во ниски дневни оптоварувања (од 22 до 7 часот) и в недела ќе се применува иста цена.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека според она што го покажала анализата, кај 87 отсто од домаќинствата во зимските месеци ќе имаат намалени трошоци, но кај останатите, кои се големи потрошувачи, ќе има зголемување на сметките. Во исто време, во летниот период се очекува кај 92 отсто од потрошувачите да има намалена потрошувачка и намалени сметки, а кај останатите повисоки сметки.
На презентацијата на новите модели, професорот Константин Димитров рече дека проблемот со високата цена на струјата на овој начин само се ублажува, бидејќи ако државата имаше сопствено производство на струја, а не увоз, дискусиите би биле многу поинакви од сегашните.
Тој праша колкава би била цената на струјата ако владата не го субвенционираше ЕСМ, на што доби одговор дека на тендерот за набавка на струја на универзалниот снабдувач можат да се јават и други производители на струја и трговци, не само ЕСМ.
Димитров забележа и дека и овој тарифен модел прави неправда кај граѓаните, бидејќи домаќинствата се определуваат според броило, а не според членови.
– Во Македонија посиромашните семејства живеат по 10 луѓе во една куќа. Родителите со синот и снаата и внуците, па може и уште некој син и снаа… Не видовме дали има опција по број на члениови на домаќинство да се дели потрошувачката. Очекувано е дека со еден до двајца потрошувачи во едно домаќинство, каде има едно броило да имаат многу помала потрошувачка отколку кај домаќинства со едно броило, но со десетина члена. Сметам дека ова е голема неправда – рече тој.
Професорот Ристо Филковски, пак, посочи дека со новиот тарифен модел очекувано е повторно вкупната сума која се собира од потрошувачите за искористената енергија да биде иста, но дека оние кои не внимаваат на потрошувачката, или кои ја користат и за други намени, да платат повеќе.
По јавната расправа Регулаторната комисија ќе треба да се изјасни за предлогот за 4 тарифи кој треба да влезе во новиот Правилник за тарифирање на потрошувачката на струјата.
Во земјава, според анализата, има регистрирано 800.000 броила или домаќинства. 140.000 домаќинства трошат под 100 киловати. Останатите трошат по 478 киловатчасови. Сите заедно просечно трошат по 372 киловатчасови годишно.