4,5 години затвор за полицискиот командир кој лани беше уапсен како дел од нарко-мрежа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Командирот на полициска станица, кој лани беше уапсен како дел од криминална група што се обидела да продаде околу 200 000 килограми марихуана, е осуден на четири и полгодишна затворска казна, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Акцијата против криминалната група беше спроведена во април минатата година во соработка со Американската агенција за борба против наркотици (ДЕА).

„По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и одржани судски рочишта на кои беа изведени предложените докази, во Основниот кривичен суд Скопје беше објавена осудителна пресуда за К.С. – командир на ПС, обвинет за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. На обвинетиот за кој обвинителството докажа дека го сторил кривичното дело што му става на товар, судот му изрече казна затвор во траење од четири години и шест месеци“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Во текот на истражната постапка петмина обвинети членови на криминалната група склучија спогодба со јавниот обвинител. Двајца од нив беа осудени на затворски казни од по пет години, а тројца добија по три и пол години затвор.

Како што информираат од Обвинителството, двајцата од групата што добија највисоки казни на почетокот на април лани договориле зделка со непознато лице од Грција, па неовластено, заради продажба, набавиле наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199 444 килограми која ја држеле на непозната локација.

Полициски командир со уште еден од обвинетите бил задолжени да го обезбедуваат транспортот и претоварањето на дрогата.

Со пресудите, освен изречените ефективни казни затвор, одземени се и движни ствари меѓу кои: 17 360 евра, 40 швајцарски франци, 53 200 денари, 13 мобилни телефони, товарно возило марка „ивеко“, два луксузни рачни часовници, еден лаптоп, ГПС-навигација, два метални боксови и нож „ер форс“.​