36 концерти, 9 театарски претстави, 1.000 уметници – импресивна програма на 62. издание на Охридско лето


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Со настап на четворицата италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет вечерва ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма.

– Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Центарот за култура, предворјето и во црквата Света Софија, ќе пречекаме над 1.000 уметници од 25 земји – Србија, Чешка, Либан, Италија, Словенија, Полска, Франција, Албанија, Аргентина, Турција, Израел, САД, Унгарија, Украина, Шпанија, Австрија, Црна Гора, Грција, Косово, Велика Британија, Германија, Азербејџан, Кина, Шведска, и секако, уметници од Република Северна Македонија – информираше директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на прес-конференција, кога беше соопштена годинашната фестивалска програма.

Таа вети 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, Бисера Чадловска, диригент во Националната опера и балет и Сања Арсовска, актерка од Драмски театар Скопје.

Покрај отворањето со италијанските тенори, од музичкиот дел, селекторката на програмата Чадловска ги издвои настапите на камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање, врвниот светски виолинист Стефан Миленковиќ, настапот на виолинистот Шломо Минц.

– На роденденот на „Охридско лето“, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот „Луксурија“, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци, а фестивалот ќе го затвориме со еден многу посебен настан, посветен на еден исклучителен човек. Одлучив тоа да биде концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот, македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела – истакна Чадловска.

Богатата театарска програма, според селекторката на драмскиот дел на Фестивалот, Арсовска, ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродукциската „Балкан Бордело“, Белградските „Војна и мир“ и Вујко Вања“, Украинската „Кротењето на опаката“ како и шест исклучителни домашни претстави. Публиката ќе има можност да погледне десет театарски остварувања, шест домашни и четири странски.

– Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми, на промоција на нови модерни драми, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела, на претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот и во никој случај да не го остават рамнодушен – рече Арсовска.

За најмладата публика ќе настапи колективот 5+ Фамилија со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета“, режиран од Сандра Ѓеорѓиева.

Дизајнот на рекламниот материјал ја отсликува замислата да се поврзе автентичноста на локацијата со музичко-сценскиот аспект на манифестацијата покажувајќи го патот кој води до терасата на најубавата сцена, Дони Сарај. Главниот фокус се скалите стилизирани како пијано, кои поминуваат низ портата и го претставуваат почетокот на едно незаборавно културно доживување.