Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На денешен ден, пред 34 години, на 10 мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, како прв македонски алпинист се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест (8.848 метри).
Македонската јавност никогаш нема да го заборави разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, што го водеа тој ден на Хималаите и легендарната фотографија на Димитар снимена на врвот на планетата, точно во 18 часот по локално време.
– Диме како си? (прашуваат од македонската хималајска експедиција)
– Ептен убо…, одговора Диме, по битолски…
– Диме сите сме горди со тебе! Браво Диме!
– И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, сведоци на историскиот настан.
Македонија! Мацедонија! Е,ееее Македонија – пееја, тогаш македонските планинари и неколку Шерпаси.
Како што е познато на 10 мај 1989 година Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“ се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, и дури 80 минути бил на највисоката точка на планетата Земја, но за жал не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите.
Македонските планинари, организирани од планинарскиот спортски клуб-ПСК „Пелистер“ и годинава масовно ќе учествуваат на планинарски марш кој ќе се одржи в сабота на 13 мај на Пелистер.
За подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, а од Македонскиот олимписки комитет е прогласен за „Великан на спортот“.