Advertisements
Вебкафе

300 години стара забранета книга крие вознемирувачки совети за љубовниот живот

На аукција во Велика Британија која беше одржана минатата година, можеше да се најде и ретка книга која датира од 1720 година, а за која се тврди дека „ги открива тајните на половиот однос“. Поточно, „тајните на половиот однос“ кои таа ги „открива“ се толку вознемирувачки и шокантни, што книгата 250 години била забранета, пренесува News.com.au.

Под наслов „Aristotle’s Masterpiece Completed In Two Parts, The First Containing The Secrets Of Generation“, книгата стара речиси 300 години била понудена на аукција. Во неа се наоѓаат серија совети за половиот однос опишани прилично живописно, од кои повеќето, во суштина, би требало целосно да се игнорираат и никогаш да не се пробаат. Има и пар ситници кои навистина важат и денес, но сето тоа е само многу мал дел од содржината на книгата.

Се споменуваат мажи кои јадат врапци за плодност, па дури и бебиња-чудовишта, а еве ги некои од најбизарните „совети“ кои се поместени во оваа контроверзна книга.

Од бестијалност се раѓаат бебиња-чудовишта

Сите знаеме дека бестијалноста не е нешто што треба да се случува како појава, но причните кои книгата ги наведува против бестијалноста се прилично поразлични од оние кои ние ги имаме денес. Имено, во книгата се тврди дека од бестијалноста се раѓаат бебиња кои се хибрид од луѓе и животни.

Покрај тоа, книгата полна со илустрации од „чудовишта“ кои наводно се „производ на однос помеѓу жени и ѕверови“. Токму поради овие илустрации книгата била забранета до 1960-те години од минатиот век.

Лесно можете да го одберете полот на вашето бебе

Во книгата, меѓу другото, се наведува дека брачните парови лесно и едноставно можат „да си го нарачаат“ полот на своето бебе кој тие го посакуваат. Така, ако парот сака да има девојче, жената после сексуалниот однос треба да легне на својата десна страна, а ако сакаат момче, жената треба да легне на левата страна.

За поплодна семена течност јадете птици

Книгата нуди низа рецепти до кои би требало да се придржуваат мажите во исхраната ако сакаат да ја зајакнат и направат поефикасна својата плодност. Гулаби, чапји, врапци се само некои од птиците кои мажите би требало да ги јадат за да ја зајакнат својата семена течност. Исто така, во овој режим на исхрана за плодност како корисни се споменуваат и ѓумбирот, репката и јајцата.

Женската фантазија предизвикува пореметување во изгледот на детето

Книгата тврди дека изгледот на детето во целост зависи од фантазијата на мајката. Поради тоа, жената за време на половиот однос треба да фантазира за тоа, на пример, детето да има правилен нос, полни усни и други естетски допадливи физички карактеристики. Ако за време на односот нејзината фантазија застрани во некој друг правец, тоа ќе влијае врз изгледот на детето.

Секако, тука се и советите за „слободоумните“ жени – тие за време на љубовниот чин би требало да се фокусираат на својот маж, па детето со тоа ќе личи на него, ако веќе не можат да (с)мислат нешто подобро.

Мажите би требало да го слават својот „дар за живот“

Ако ви треба доказ дека книгата е напишана од маж – еве го и тоа. Во содржината од истата се наведува дека мажите се „чудо“ и дека би требало да бидат обожавано од оние кои им се подредени. Погодувате, тоа се жените. Машката семена течност „изобилува со духот на животот“, а жената е тука отприлика само за да го носи детето.

Advertisements

Најпопуларно

To Top