
Секогаш со радост ги очекуваме претстојните празници, бидејќи ни даваат можност малку да се одмориме од секојдневните обврски и да се забавуваме со пријателите и роднините.
Се приближува Велигден, еден од најзначајните празници, што претставува совршена можност да ја вклучиме нашата фантазија и да ги искористиме велигденските мотиви не само за украсување на јајца, туку и како интересна инспирација за маникир. Преслатки мотиви како пилиња, зачиња и цвеќиња се идеален начин да ги разубавите вашите нокти за празничните денови што следуваат.
Првиот и можеби најпознат симбол за Велигден е малото жолто пиле, кое често се користи при украсување на домот, боење на велигденски јајца, но и за создавање на шармантни „nail art“ дизајни. Со жолта боја нацртајте пилиња, додадете елементи како јајца или кошничка полна со шарени јајца на еден од ноктите. Точки, нежни цветчиња и уникатни велигденски шари се одлична дополнителна декорација за вашите нокти.
Многу е важно да обрнете внимание и на комбинацијата на бои. Потрудете се да создадете баланс помеѓу светли и пастелни нијанси. Ако пак преферирате различен дизајн наместо пилиња, можете да се одлучите за зачиња. Овие мили суштества изгледаат неодоливо на ноктите, особено во комбинација со морковчиња, нежни пролетни цветови, шарени јајца и весели точкици.
За оние кои сакаат минималистички или поскромен изглед, доволно е само отисок од зајче на еден нокт, додека останатите ќе останат во еднобојна, пастелна нијанса.
Погледнете ги овие неверојатни „nail art“ дизајни инспирирани од Велигден и пронајдете инспирација за вашиот празничен маникир.