Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Пред точно 30 години, на денешен ден, 10 мај, 1989 година, битолскиот планинар и истакнат македонски и југословенски алпинист Димитар Илиевски Мурато, го направи своето историско искачување на највисокиот врв на светот, Монт Еверест, стапнувајќи на покривот на светот во 18 часот по локално време.
Денес се одбележуваат 30 години од подвигот на Диме Мурато кој, за жал, не успеа жив да се симне од Хималаите и неговото тело засекогаш остана на ледените падини од овој планински масив.
Илиевски беше дел од комплетно македонската експедиција, предводена од Јован Поповски, што таа година замина на Хималаите во обид да се искачи на Монт Еверест. Покрај Илиевски и Поповски, македонскиот тим го сочинуваа Горазд Росоклија, како заменик-водач на експедицијата, Борче Јовчевски, Владимир Бошковски, Страшо Лозаноски, Ѓорѓи Костовски, Серафим Серафимовски, Сашо Андонов, Димитар Тодоровски, Румен Ќамилов и Слободан Ѓорѓевиќ.
„Тоа искачување на Диме Илиевски-Мурато го внесе македонскиот алпинизам во историјата на Хималаите, во историјата на светскиот, македонскиот спорт и во историјата на Македонија воопшто. Македонија е меѓу првите 20 земји во светот со своја експедиција таму, а Диме официјално е 263-от човек што се искачил на врвот, почнувајќи од 1953-та, па до нашата експедиција 36 години подоцна. Тоа е нешто со што младите треба да се гордеат, па и да се идентификуваат на некој начин што воопшто не е мала и лесна работа“ – вели Јован Поповски.
Забележан е и разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, по искачувањето на врвот.
– Диме како си?
– Ептен убо…, одговора Диме, со битолски дијалект.
– Диме сите сме горди со тебе! Браво Диме!
– И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните шерпаси, Сонам и Аџива и двајцата планинари од Хрватска и од Словенија, Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, кои на македонската експедиција ѝ се приклучија таму и беа сведоци на историскиот настан.
Планинарскиот клуб (ПК) Пелистер од Битола, утре, 11 мај, по 30-ти пат го организира традиционалниот меморијален марш „Димитар Илиевски-Мурато“ на кој се очекуваат над 500 планинар(к)и од цела Македонија и од соседните земји. Во рамките на одбележувањето на 30-годишнината, синоќа (9 мај) во изложбениот салон „Магаза“ беше отворена ретроспективна изложба на фотографии за досегашните чествувања посветени на Мурато.
За подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, од Македонскиот олимписки комитет (МОК) е прогласен за „Великан на спортот“, а е добитник и на други награди и признанија.
Во негова чест на Пелистер и на Хималаите е подигнато спомен-обележје. Општината Битола во чест на својот истакнат граѓанин пред неколку години во централното градско подрачје именува улица со неговото име, а на неговата родна куќа е поставена и спомен-плоча.