29 години од смртта на Сашко Гешовски – првата жртва на крвавиот распад на Југославија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес, 6 мај, Македонија, но и бившите југословенски републики, се сеќаваат на загинувањето на војникот Сашко Гешовски од Кавадарци, првата жртва во жестокиот воен судир, што го предизвика крвавото распаѓање на Југославија во 1991 година.

Историчарот и хроничар Петре Камчевски потсетува дека младото момче беше припадник на ЈНА, а својот воен рок го служеше во Сплит, С.Р. Хрватска.

– Сашко Гешовски беше роден во 1972 година. Имаше завршено основно и средно училиште во Кавадарци, а потоа замина на отслужување на воениот рок во ЈНА во Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил младиот кавадарчанец. Во критичниот момент, Сашко бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит, вели Камчевски.

На 7 мај 1991 година во Кавадарци во негова чест се одржа голем протестен митинг на кој учествуваше речиси целото население од градот и околните места, за да се изрази револт и тага за смртта на својот сограѓанин.

– На неговиот погреб присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на Југославија, а во Кавадарци беше прогласена и тридневна жалост. Во воениот конфликт во 1991 година загинаа уште тројца кавадарчани, додаде Камчевски.