Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Станови, дуќани и скапи автомобили. Ова е дел од имотот кој неколкумина млади велешани го стекнаа за релативно кратко време. Им помогна, никој друг, туку Доналд Трамп – новиот американски претседател. Но му помогнаа и тие нему – барем така велат американски аналитичари кои тврдат дека веб страниците на овие велешани, на кои за време на кампањата во Америка постираа вести во полза на републиканецот, влијаеле врз американските гласачи.
А велешаните речиси и да немаа појма од американска политика. Нив ги интересираше само заработката. Копираа вести од други сајтови и ги прикачуваа на своите. Потоа со агресивен маркетинг ги рекламираа на фејсбук и ловеа кликови.
Савен Неделковски има неполни 19 години. Има свој сајт за американска политика, но повеќе нема реклами. Гугл му ги отстранил, откако утврдил дека вестите ги крадел. Не кажува колку заработил, но вели дека парите кои се свртиле во овој бизнис, не се за потценување.
Ова момче вели дека повеќе од 200 велешани имаат свои сајтови, но малкумина од нив сакаат јавно да зборуваат.
Досетливите велешани отварале сајтови со американски наслови. Ставале американски новинарски текстови украдени од американски медиуми. Потоа, преку лажни профили, влегувале во големи фејсбук групи кои го поддржувале Трамп. Тука агресивно ги постирале текстовите. Парите стигнувале кога читателите ќе кликнат на рекламата која им ја давал Гугл. Еден клик достигнувал сума и до 75 американски центи.
Десетина дена по изборите, Гугл ги избриша профилите на Адсенс на сите оние, за кои се сомневал дека краделе вести. Велешани велат дека тоа ги чинело преку еден милион евра, бидејќи парите заработени во октомври и пола ноември им пропаднале.
Деновиве Велес е светски медиумски центар. Медиуми од САД и Европа испратија свои екипи да откријат кој објавувал, како што велат, лажни текстови во корист на кампањата на Трамп. Ги видел и Савен, но вели – ние не пишувавме лажни вести, всушност, ние не пишувавме никакви вести.
Прашањето за кое се дебатира е дали е етички да се заработува преку лага. Дури и се уште актуелниот претседател на Америка Барак Обама пред една недела говореше на оваа тема.
Од друга страна, основачот на Фејсбук Марк Закерберк ја нарече „луда“, идејата дека Фејсбук влијаел на избирачите во САД.
Сепак, бројот на Американски гласачи кои на овие избори се информирале преку Фејсбук не е мал. Токму тоа им дало идеја на велешаните да заработат брзи пари на невообичаен начин.
Американските избори завршија. Со тоа опадна и интересот на Американците за политика. Но, младите велешани не запираат тука. Тие сега бараат нови теми кои ќе се обидат да им ги продадат на Американците. Но, бараат и начин како да го направат тоа, без да ги прекршат правилата на Гугл.
Извор: 24 Вести