Вo „Систина“ спасен животот на 45-годишен пациент заболен од Ковид-19 со ЕКМО технологија


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со примена на ЕКМО технологија во клиничката болница „Аџибадем Систина“ е спасен животот на 45 годишен пациент заболен од Ковид-19.

Астрит Селимај бил примен во исклучително тешка здравствена состојба со прилично напредната ковид–пневмонија. Поради тоа прво бил ставен на респиратор, а по конзилијарното мислење на тимот доктори од „Аџибадем Систина“ и инфектолог од ГОБ „8-ми септември“, пациентот бил префрлен на ЕКМО апарат, кој всушност бил пресуден за неговото преживување. Астрит е првиот пациент во Македонија кој е излекуван од Ковид-19 со примена на оваа технологија.

За неговото здравје се погрижи искусен тим доктори од болницата „Аџибадем Систина“ – д-р Митко Караѓозов, шеф на тораковаскуларна хирургија, проф. Д-р Александар Николиќ, шеф на кардиохирургија, д-р Димче Славески, шеф на кардиохируршка анестезија, д-р Никола Шиков, шеф на општа – интензивна нега, д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија и д-р Патриција Каламарес, инфектолог од ГОБ „8-ми Септември“.

„ За првпат кај пациент со Ковид-19 е применета технологија на ЕКМО која ја поседува Клиничка болница „Аџибадем Систина“. ЕКМО-машината му овозможи на пациентот да преживее, состојбата со плуќата се подобри, ЕКМО апаратот се исклучи, по што пациентот дишеше на респиратор. Откако и со респиратор состојбата се подобри, параметрите беа во граница на нормала се исклучи и респираторот, пациентот се врати во нормален живот. И еве за среќа, за наша голема радост си оди дома. Горди сме затоа што “Ацибадем Систина“ уште еднаш докажа дека е голема болница со врвна технологија и медицина и дека може да се справи и со најтешките компликации коишто ги предизвикува Ковид-19“, истакна Шефот на тораковаскуларна хирургија во „Аџибадем Систина“, м-р. д-р Митко Караѓозов.

ЕКМО апаратот е нова надеж во третманот на тешко болни пациенти со Ковид-19, вели инфектологот од ГОБ „8-ми Септември“ Патриција Каламарес. Таа смета дека заедно со тимот од „Аџибадем Систина“ постигнале огромен успех во третманот и лекувањето на коронавирусот.

„ Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е прва на Балканот којашто го примени ЕКМО апаратот за лекување на ковид-пациeнт. Без ЕКМО технологијата, пациентот немаше да преживее. Отсега па натаму сметам дека овој апарат ќе се применува и при лекувањето на други пациенти со тешки компликации. ЕКМО aпаратот е единствената машина која може да му подари нов живот на пациентот“, вели д-р Каламарес.

По 25 дена борба за живот, 45-годишниот Астрит конечно, со насмевка на лицето, заминува кај своето семејство. Немал претходни заболувања, ситуацијата со коронавирусот му се влошила многу брзо, а докторите од „Aџибадем Систина“ му го спасиле животот.